
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска изјави дека институтот помилување не треба да се оценува исклучиво според висината на казната или природата на кривичното дело, туку пред сè според степенот на ресоцијализација на осуденото лице. Таа нагласи дека секој човек, дури и по направени сериозни грешки, заслужува можност за нов почеток.
„Сите луѓе, па и кога ќе направат големи грешки во животот и ќе се најдат изолирани, имаат право на втора шанса. Денес трендот во ресоцијализацијата оди рака под рака со осовременувањето и очовечувањето на условите во затворите“, истакна претседателката.
Сиљановска-Давкова упати и критики за состојбите во македонските казнено-поправни установи, оценувајќи дека тие сè уште не ги исполнуваат условите за вистинска ресоцијализација на осудениците. Таа предупреди дека државата може да се соочи со реакции од Советот на Европа, па дури и со обвинувања за елементи на тортура во однос на третманот на затворениците.
Претседателката го поздрави процесот на подготовка на нов закон за помилување, оценувајќи дека постојниот закон е нефункционален, особено по одлуките на Уставниот суд со кои биле укинати повеќе одредби, што, како што рече, довело до „тотално нелогичен след“ во неговата примена.
Таа посочи дека членовите на Комисијата за помилување не треба да имаат истражни надлежности ниту да бараат информации од судови и институции, како и дека во нејзиниот состав не треба да членуваат судии, јавни обвинители и адвокати.
Во дебатата, Сиљановска-Давкова отвори повеќе прашања поврзани со идните законски решенија, нагласувајќи дека тие треба да се креираат имајќи предвид различни профили на претседатели и со цел да се намали дискреционото право при одлучувањето.
„Бидејќи секогаш постои простор за дискреционо однесување, прашањето е како тоа да се сведе на минимум или дури да се анулира. Јас секогаш работата сум ѝ ја оставала на Комисијата – како што ќе одлучи таа, така постапувам и јас“, рече претседателката, додавајќи дека ваквиот принцип можеби треба да биде вграден и во самиот закон.
Таа го отвори и прашањето за можноста државата да донесе закон за претседател, посочувајќи дека постои закон за правата на поранешните претседатели, но не и за актуелната функција.
Осврнувајќи се на казните доживотен затвор, Сиљановска-Давкова рече дека треба да се следат препораките на Венецијанската комисија, особено во однос на автентичното толкување на законите, кое според европските стандарди треба да биде во надлежност на Уставниот суд, а не на парламентот.
Според неа, прекумерната употреба на автентични толкувања може да ја наруши поделбата на власта, бидејќи актуелни парламентарни состави не треба да толкуваат што имал намера законодавецот во минатото.

