
Претседател на фудбалски клуб од Првата лига во Македонија е приведен во Турција, откако кај него биле пронајдени 2 килограми и 581 грам шверцувано злато, соопштуваат турските медиуми.
Инцидентот се случил на патот Батман–Сиирт, каде полициски екипи извршиле контрола на такси возило. При претресот, кај македонскиот државјанин со иницијали Б.Х. било пронајдено злато во форма на шипки, за кое се сомнева дека е внесено без царинска пријава.
Според проценките, вредноста на запленетото злато изнесува околу 16 милиони турски лири или околу 300.000 евра. Од полицијата информираат дека златото било претопено, што дополнително укажува на обид за прикривање на неговото потекло.
Акцијата е реализирана од страна на Одделот за борба против шверц и организиран криминал при Полициската управа во Батман, во рамки на засилените контроли против нелегална трговија.
Осомничениот е приведен, а против него е покрената постапка. Надлежните продолжуваат со истрагата за утврдување на потеклото на златото и евентуална поврзаност со поширока мрежа за шверц.


