Треба да одговорите, премиере, зошто една дилема, еден лош збор немате кон досегашните министри од Алтернативата? Чесно е јавноста да знае, ако некој го менувате, зошто го менувате или можеби има други комбинаротики во заднина, изјави на денешната собраниска седница пратеникот Љупчо Пренџов од коалицијата „За обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Не ми одговоривте, премиере, кога ќе ве прашаат во Берлин која држава има највисока инфлација? Македонија. Која држава има најмалку странски инвестиции? Македонија. Во која држава има најмал БДП. Пак треба да кажете Македонија и дека Косово е пред нас“, рече Пренџов.
Во однос на Бугарија, Пренџов го посочи Ковачевски дека е должен да им одговори на граѓаните зошто рекол пред коалициските партнери дека случајот со Пендиков бил насилство меѓу наркодилери, а потоа се прави нешто друго.
Да го прашам премиерот за изјавата на довчерашниот министер за локална самоуправа, каде што вели дека Ковачевски е заложник на Груби и Радев, и вели дека не се релаксираат односите. Ве обвинуваат дека европскиот фронт е измислена конфронтација за поделби и најинтересно што истакна дека МВР го расчистило случајот со Пендиков дека станува збор за тепачка од наркодилерство, дека е направена истрага и нема врска со она што досега се зборува во јавноста. Добро е пратениците да знаат која е причината за определени граѓани да стануваат Бугари, рече тој.
Пренџов посочи дека се постапи како оваа држава да нема институции, си го зеде друга држава, без да даде исказ за тукашните институции.
„Наместо да менувате тројца министри, треба да излезете и да кажете дека одиме на предвремени парламентарни избори, овие граѓани заслужуваат почит и вреднување и ако мислите дека сѐ е супер, сѐ е розово, ајде да одиме на избори. Никој од нас немаше во програма дека ќе менува Уставот“, рече Пренџов.