На 27 декември, во просторот на балетската сала при Македонскиот народен театар, премиерно ќе се одигра претставата „Бакхи: Агава“, сопоред Еврипид и Тамара Барачков.
Агава е ликот за кој се зборува, а нејзиното однесување е предмет на толкување и прераскажување на останатите машки ликови. По чедоморството, Агава прозборува само во последниот чин. Но, злочинот го прави во состојба на занес и транс, таа сопствените постапки не е во состојба рационално да ги процесира и да ги вербализира.
Според авторот Барачков, токму затоа, во процесот на развивање на овој текст, во кој гласот и централниот простор ѝ се дава на Агава, се дефинира коренот на нејзините проблеми и незадоволството. Се поставува и прашањето: која е оваа жена денес?
Во претставата се користат и стиховите од песната „Мама е глагол од глаголот работи“ на Момчило Одаловиќ.
Играат: Симона Спировска — Агава; Александар Михајловски — Пентеј, а актерите Григор Јовановски — Дионис, Марија Кеврекиду, Ана Марија Бутниок, Афродита Атанасопулу и Дарја Ризова се со снимени гласови. Сценограф е Ангел Петровски, костимограф е Ивана Каранфиловска-Угуровска, дизајнер на звук е Александар Арсиќ и дизајнери на светло Даниела Атанасова и Горјан Темелкоски.
Претставата е во режија на Нина Николиќ која на сцената на МНТ ги постави и претставите „Народен непријател“ (2022), „Нема да биде крај на светот“ (2021), „Отело“ (2019), „Галеб“ (2018) и „Разговори во четири очи“ (2015).
Претставата е копродукциски проект помеѓу: Перипетија продукција – Скопје, РСМ НУ Македонски народен театар и Градски театар од Јанина, Р Грција.