Утрински Весник
Македонија

Преку порази до победа – тоа е патот во животот и во политиката

Anastasovskiivan.jpg

Пишува: Проф. Д-р Иван Анастасовски

Секој поединец и група станува посилна и се развива само ако успее да учи од сопствените порази, оти патувањето низ животот е поплочено како со победи, така и со порази. Факт е тоа, дека кога победуваме лично или групно, сите се со нас, сите не величаат и ни се восхитуваат и не доведуваат до состојба да ја губиме реалната слика или народски кажано „се што лета не се јаде“. Победите ни прават фатаморгана или необично и прилично комплексен вид на наше привидение, како еден вид на супериорна илузија, при што луѓето околу нас ни ставаат розови наочари за да може да гледате само тоа што го сакаат кариеристите. За разлика од тоа, поразите како еден вид на полн неуспех при постигање на определена цел, не освестуваат, не враќаат во реалноста и со тоа ја дознаваме вистинската состојба на патот кон посакуваната цел.


Во контекст на овој вовед, паријата на власт ВМРО ДПМНЕ која извојува победа заедно со своите коалициони партнери на локалните избори, нема да има веќе алиби за сопствените политички неуспеси, бидејќи сега веќе немаат кон кого да го посочат прстот дека некој друг е виновен. Тие ја имаат целосната контрола во државата и верувам дека се свесни оти победата на локалните избори каде имаат пад од 140.000 гласови ќе се обидат преку разни менаџерски маневри да го одолговлекуваат и ублажуваат идниот пад на гласови кој е неминовен, а особено што нивните поддржувачи бараат брзи резултати. Но, сепак таа партија е сериозно позиционирана и етаблирана низ времето и најдобро знае за себе како да опстојува и како да победува. Впрочем, тоа го покажа и нивниот лидер кој преку два последователни порази од кои извлече сериозна поука, дојде на апсолутен трон со сите механизми во рака, каде сега е доведен во ситуација да мора сериозно да размислува за тоа дека не само како, туку и каде ќе ги употребува тие механизми оти часовникот почна да отчукува.

Но, она што мене ме интересира и за кое сум благо критикуван од членови, повторувам членови, а не симпатизери на СДСМ, дека јас не пишувам за ВМРО ДПМНЕ оти се плашам и некои други формулации кои не се важни сега, а се упатени на моја адреса. Факт е тоа дека јас не сум важен, туку многу е важно, дали тие научија дека треба да учат од поразите или евентуално повторно како и до сега ќе се држат до девизата “време лечи се“, па оттаму и ова ќе помине народот ќе заборави и пак ќе им се врати како силна поддршка. Но, тоа така веќе не оди. Во новото време и со новите генерации е се поинаку, па затоа ќе се обидам да пристапам реално, без емоции и без партиска пристрасност. Ако зборуваме од стратегиска и политичка перспектива, според мене клучни насоки што би можеле да помогнат една партија како што е СДСМ, која и реално е втора по број на гласови, повторно да ја врати довербата кај луѓето и со тоа евентуално власта во Македонија.

Како прво мора да има јасна визија и идеологија преку која ќе дефинира повторно што точно значи социјална правда и темелни вредности во македонски услови кои денес со фокус на праведност, јавни услуги и еднакви можности за сите, а со самото тоа би се фокусирале на луѓето и нивните секојдневни потреби. Тие мора да бидат “деконструктори“ или поточно да ги деконструираат потезите на актуелната власт со сериозна своја понуда за одредени прашања и да понуди конзистентна идеолошка приказна, а не гола политика како реакција на потезите на владеачката партија.

Многу значајно ќе биде за нив повторното поврзување со граѓаните, оти тие не ги распознаваат повеќе како понуда и тоа прво преку обнова на локалните организации и директната комуникација со населението, а особено во помалите места и градови. Мораат сериозно да го намалат, дури би рекол да го искоренат „елитистичкиот“ настап, а да организираат повеќе теренска работа и отворени форуми за дебата со учество на граѓаните, не на членовите. Исто така, мораат да ги вклучат што е можно повеќе младите, жените и независните експерти при носење на одредени одлуки (не говорам за сите) туку оние кои се поврзани со потребите на граѓанскиот сектор.

Болна точка за нив, а особено за кариеристите кои мислат дека се родени во СДСМ е инкорпорирање на нови лица и кредибилни кадри. Не се свесни дека луѓето бараат нови личности со интегритет, а не „рециклирани“ политичари, кои само знаат да продаваат магла или што ќе рече Алек Болдвин во еден филм цитирам: “Продавам ништо – купи ништо“. Организацијата мора да стави фокус на економијата и секојдневните проблеми на луѓето преку реални ветувања, но во исто време и континуирано следење на резултатите.

Она што секогаш била силата на СДСМ е нејзината европска ориентација, но сега тој пат мора да го поплочат со домашна чувствителност и со чувствителност кон сопствените граѓани. Факт е тоа дека мораат да го задржат европскиот курс, но во исто време мораат силно да покажат дека интеграциите не значат откажување од национален идентитет, а за реализација на тоа прашање ќе мораат да комуницираат со народот и да го упатат нашиот народ за тоа како конкретно таа Европска Унија ќе го подобри нашето секојдневие.

Конечно, доста е одење по пазари и отворање на локални штабови каде се точи ракија и се пополнува време, туку СДСМ сериозно да размислува да се преструктуира во новото време на дигитализација и модернизација преку дигитална и медиумска стратегија, да ги користи социјалните мрежи и новите медиуми за директна комуникација, без посредници, оти тоа се новите предизвици (впрочем Левица со неколку “рилсчиња“ е едниствената политичка групација која има раст од 7.000 гласа). На крајот на денот, новата наша младина бара храбри и решителни одлуки, бара брз и динамичен живот преку Тик-Ток анимација. Тоа се новите алатки кои го задржуваат вниманието на младиот човек. А многу би било полезно, да се орентираат и кон оние 53.000 неважечки гласачки ливчиња кои се добар потенцијал. Тие истите не сакале да гласаат за владините политики и веројатно не биле задоволни од понудата која била на маса. Затоа, нека почнат да ги детектират и да ги распознаваат, оти тие им се основниот политички капитал за наредните редовни парламентарни избори (ако има предвремени нема време за тоа).

Затоа, време е СДСМ да промени диоптрија и прво да си ги детектира сопствените кариеристи со што би им се заблагодариле за нивниот учинок (ќе им даде признание за тоа, евентуално Касио часовник), а потоа да се насочат кон луѓето на кои ќе мораат да им се извинат и да бараат да им биде простено за нивните лоши политики преку што би можеле да го зацврстат тој сојуз со народот.

Еден мал совет до претседател на СДСМ… не е лошо да се учи од добрите практики, па макар тие се од политичкиот противник.

Можете да прочитате

Возачи во Виница, Битола, Штип и Крива Паланка возеле под дејство на алкохол и со брзина поголема од дозволената, двајца од нив учествувале и во сообраќајки

Зголемено нивото на реката Вардар кај Јегуновце и Демир Капија

Фетаи: Безбедноста не се раѓа од страв, таа расте од доверба