Утрински Весник
Македонија

Предлогот за разрешување на Коцевски стигна во Собранието

Whatsapp image 2025 10 28 at 13.39.39.jpeg

Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 9 декември 2025 година, донесе заклучок со кој му предлага на Собранието да го разреши државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Одлуката е донесена врз основа на член 88 став (1) од Законот за јавното обвинителство, а по претходно прибавено мислење од Советот на јавни обвинители.

Во образложението се наведуваат три сериозни причини за разрешување. Според Владата, Коцевски направил крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство, со што била нарушена неговата ефикасност и функционалност. Дополнително, тој неовластено изнесувал информации и податоци од судски предмети, со што ја прекршил законската обврска за заштита на тајноста на постапките. Како трета причина, се посочува дека со своето постапување го нарушил угледот на институцијата, како и сопствениот личен углед, не постапувајќи согласно обврските утврдени во Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Согласно член 88 став (2) од Законот за јавното обвинителство, јавниот обвинител може да биде разрешен пред истекот на мандатот доколку стори тешка дисциплинска повреда утврдена во член 91 од истиот закон, ако таа е сторена со намера или со очигледна небрежност и доколку предизвикала тешки последици. Како дополнителна законска основа за разрешување се наведува и членување во политичка партија, што е изрично забрането за носителот на оваа функција.

Предлогот на Владата веќе е доставен до Собранието, кое треба да ја донесе конечната одлука за евентуално разрешување на Љупчо Коцевски од функцијата јавен обвинител на Република Северна Македонија.

Можете да прочитате

Општина Аеродром: Инспекциската постапка за „Зимзоленд“ е во тек

Сузбиена организирана криминална група во Скопје, лишени од слобода осум лица 

Реакција на Стопанска банка АД Битола во врска со прес-конференцијата на СДСМ