Денеска се прегласува на седум избирачки места за парламентарните избори кои се одржаа на осми мај оваа година.
Од нив, шест избирачки места се наоѓаат во петтата изборна единица, односно во Охрид, Струга, Крушево и Долнени, додека во шестата изборна единица ќе се прегласува само на едно избирачко место во општина Желино.
Токму во „петката“ има поголема можност за нова распределба на мандатите меѓу партиите.
Според резултатот од осми мај, во изборната единица 5 во прашање се само стотина гласови кои можат да одлучат за распределбата на пратеничките мандати.
Во изборната единица пет коалицијата на СДСМ во шесте избирачки места треба да освои околу 100 гласа повеќе од ДУИ за да добие еден пратеник плус, односно наместо Исмаил Јахоски од ДУИ, пратеник да стане Боби Мојсоски од ЛДП, односно коалицијата предовдена од СДСМ.
Но во петката, на дополнителен пратеник се надева и ВМРО-ДПМНЕ.
Со оглед на тоа што оваа партија веќе освои 10 пратеника во оваа изборна единица, на ВМРО-ДПМНЕ ќе му требаат повеќе од 400 дополнителни гласа но и да му се „посреќи“ коалициите на СДСМ и ДУИ да освојат помалку гласови од претходното гласање.
Тогаш, на местото од Јахоски би влегов Лазе Јаќимовски како 11ти од листата на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Како е во изборната единица шест?
Имајќи предвид дека во „шестката“ се прегласува само на едно избирачко место, шансите да се случи нова прераспределба на мандатите се мали, но не се невозможни.
Таму, на свој пратеник плус се надева коалицијата ВРЕДИ на местото од пратеник од ДПА која е дел од Европски фронт.
Гласачкото место во Желино има запишано 992 гласачи, па ако се случи ВРЕДИ убедливо да го победи ДУИ, тогаш оваа коалиција ќе добие 14ти пратеник во Собранието.
Ако и во двете изборни единици Европскиот фронт загуби тогаш оваа коалиција предеводена од ДУИ ќе „падне“ на 17 пратеници, што впрочем беше и главната причина партијата од Мала Речица да обвинува за изборен инжинеринг.
Но, сепак, ништо нема да се знае се додека не се избори и последното ливче, затоа што заради Донтовиот модел, и неколку гласачки ливчиња можат да одлучат кој ќе добие а кој ќе загуби од денешното прегласување.
На седумте избирачки места денеска гласаат 4.513 гласачи, сите места беа отворени навреме, а гласањето трае до 19 часот.