
Пакистански спасувачи на северот од земјата денеска вадат затрупани тела од урнатини, кал и буици, каде што невообичаено интензивен монсунски дожд за само 48 часа предизвика смрт на над 320 лица.
Во текот на изминатите два дена, смртоносни поројни дождови погодија неколку области на планинската северна покраина Хајбер-Пахтунхва, каде што се регистрирани 307 смртни случаи, половина од сите смртни случаи оваа сезона на монсуни, покажуваат податоците на Управата за управување со катастрофи.
Повеќето од жртвите беа однесени од поројните поплави и починаа кога нивните куќи се урнаа, од електричен удар или удари од гром.
Во оваа покраина што граничи со Авганистан и каде што сè уште има обилен дожд, повеќе од 2.000 спасувачи работат на пронаоѓање преживеани или извлекување на тела закопани под урнатините, изјави денеска Билал Ахмад Фаизи, портпарол на службата за спасување на покраината, пренесен од француските медиуми.
-Обилните дождови, лизгањето на земјиштето и блокираните патишта го отежнуваат пристапот на амбулантните возила, а спасувачите се движат пешки, додаде тој.