Утрински Весник
Македонија

Последен ден од кампањата за претседателските избори пред гласањето во среда, кампањата за парламентарните избори продолжува

Skopje Turisti.png
Ss2

Изминува последниот ден од кампањата за претседателските избори што ќе се одржат в среда на 24 април. По полноќ започнува предизборниот молк што ќе заврши на денот на гласањето во 19 часот, додека пак, кампањата за парламентарните избори, коишто ќе се одржат на 8 мај, ќе продолжи и нема да биде прекината.

Претседателските кандидати, како и кандидатите за пратеници и денеска со предизборни активности. 

Ss1

Претседателскиот кандидат од коалицијата предводена од СДСМ, Стево Пендаровски, денеска во Битола, ќе одржи митинг и средби со граѓани во Демир Хисар и Ресен, а лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски ќе биде меѓу граѓаните на Свети Николе и Велес.

Кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова ќе ја презентира својата програма пред граѓаните во Лозово, Карбинци, Пробиштип и Штип.

Движењето – ЗНАМ За наша Македонија, во седиштето на партијата во Скопје ќе одржи прес-конференција на која ќе се обрати д-р Злате Мехмедовиќ.

Претседателските кандидати вчера имаа и предизборно соочување на Националниот сервис на кое ги претставија својата визија и програма говорејќи за уставните измени, за кои изразија спротиставени ставови, но зборуваат и за спречувањето на корупцијата, економијата, како да се запре иселувањето на младите….. 

Во Скопје, синоќа митинзи одржаа коалицијата предводена од СДСМ, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата предводена од ДУИ, како и партијата „Левица“.

На централниот митинг пред Делегацијата на Европската унија во Скопје, претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ Стево Пендаровски рече дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и претседателскиот кандидат Гордана Сиљановска – Давкова го лажат народот велејќи дека уставни измени нема да има под бугарски диктат, а пред странските дипломати изразуваат формална подготвеност за деблокада.

– Висок претставник од нивната сестринска партија од Германија, по разговорите со нив рече дека е убеден дека ќе гласаат за уставните промени, а овие и понатаму секој ден повторуваат дека уставни измени нема да има под бугарски диктат, рече Пендаровски.

Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски посочи дека со членството на земјава во ЕУ, како и со помошта на САД, државата може да се подобри и да го искористи националниот потенцијал. Во програмата, како што посочи, ветуваат просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра, како и минимална пензија од 20 илјади денари и просечна пензија од 30 илјади денари. 

– Нема откажување од иднината. Македонија е европска држава. Македонија ќе биде членка на ЕУ, нашата Македонија заслужува да биде дел од европското семејство. Јасно и гласно порачуваме, нема откажување од подобар живот, нема откажување од просперитет и напредок, нема откажување од европски стандард и европски вредности. Како што доликува на посветена партија, целосно влеговме во борбата за достоинствен живот на граѓаните во решавање на големите проблеми и никогаш во ниту еден момент не се откажавме, порача Ковачевски.

Претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова на вчерашниот митинг во скопската општина Аеродром посочи дека на изборите на 24 април ќе се разјаснат работите, а целосно ќе се расчистат на 8 мај.

– Мислам дека на 8 мај ќе биде запечатена една тешка, грда фаза од владеењето и ќе започне една нова реформска фаза. За тоа навистина се потребни умни, чесни и посветени луѓе. Луѓе кои државните и национални интереси ќе ги стават пред било кои други. Луѓе кои како одважни и достоинствени, ќе бараат од големите и средните држави, па и од ЕУ и сите држави внатре, заслужена почит. Луѓе кои ќе бараат и ние да итаме во исполнувањето на Копенхагенските критериуми. Да не се занимаваме и да го губиме времето на докажување дека сме тие што сме. Да барате од некого да докаже дека е човек, дека е жена, дека е Македонец е непристојно, рече Силјановска – Давкова.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека ДУИ е повеќе од две децении на власт и порача дека по парламентарните избори на 8 мај, одговорност мора да има. Мицкоски се осврна на проектите од програмата и посочи дека ќе инвестираат 250 милиони евра секоја година во општините, односно една милијарда во четиригодишен мандат.

На предизборниот митинг во скопската општина Гази Баба обвини дека власта подготвува сценарија за изигрување на изборната волја на народот.

– Иако народот е определен и е јасно дека власта ја чека пораз, сакам да предупредувам дека знаеме со кого си имаме работа. И забрзано овие денови спремаат повеќе сценарија со кои сакаат да ја изиграат волјата на народот и да го ублажат поразот, рече Мицкоски, повикувајќи да се излезе и да се гласа.

Претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска синоќа во Скопје го одржа завршниот митинг од претседателската кампања. Во својот говор, Ванковска рече дека очекува влез во вториот круг и дека заедно со Левица ќе го изодат патот до крај на кампањата. 

– Пред само три месеца во оваа сала бев претставена како претседателски кандидат на Левица. Еве сум денес тука на крај на кампањата, но тоа е само првиот дел. Заедно ќе го изодиме патот со Левица до крај на кампањата. Мислам дека после дебатата целиот народ ќе види која е разликата меѓу нас и нив. Ние сме единствени кои сме антиестаблишмент, рече Ванковска.

Предизборен митинг во Скопје одржа и коалицијата „Европски фронт“ предводена од Демократската унија за интеграции каде се обрати претседателскиот кандидат Бујар Османи. Од плоштадот „Македонија“, Османи рече дека настаните од 27 април се последица од изборот на Албанец за претседател на Собранието, Талат Џафери.

– Пред седум години, речиси точно на денешен ден, некаде на стотици метри од ова место, таму во Собранието на Северна Македонија се случија најстрашните настани од поновата историја на нашата држава. Се сеќавате на настаните од 27 април, пред нас се уште се крвавите слики на нашите пратеници. Која беше причината? Дека Талат Џафери стана претседател на Собранието. Што беше проблемот? Само тоа што бил Албанец и ништо друго. Се уште се сеќавам на сликите на Зијадин Села кој тој ден за малку ќе го загубеше животот, рече Османи.

На митинг во Гостивар кандидатот за претседател на Коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, порача дека исто како неговиот противкандидат од албанската позиција, очекува победа на претстојните избори и напомена дека е потребна вонредна мобилизација.

– Ве замолувам за вонредна мобилизација, за да ја направиме разликата од 7.000 гласови како што ветивме. Ми велат дека тоа сум го ветил и сега треба заедно да го направиме тоа. Затоа, овие два-три дена да продолжиме да работиме заедно и да ја направиме победата голема, рече Таравари.

Ss1

Можете да прочитате

Две лица загинаа во сообраќајката на патниот правец Радовиш-Штип

Во Богомила упасен скопјанец кој со ловачка пушка им се заканувал на мешатани

Битиќи: Први во регионот според слободата на медиумите – затоа да гласаме за бројот 1