По повод 50 годишниот јубилеј, ЈУ Младински културен центар доби поштенска марка “50 години МКЦ” издадена од АД Пошта, како дел од Годишната програма за издавање на поштенски марки на националната Пошта.
Поштенската марка, која излезе на 27 септември 2022 година е дело на македонскиот дизајнер Марко Ковачевски, додека АД Пошта истата ја издаде со вредност од 50 денари во 6000 примероци.
“За мене МКЦ е лична приказна и се трудев визуелно да ги поставам сликите што мене лично ме поврзуваа со него. При конципирањето на решението не сакав едноставно да ја насликам институцијата и нејзината историја, туку истовремено да ги прикажам и нејзината еволуција, оригиналност и мисија за младите и децата во Скопје. Затоа ја прецртав зградата на МКЦ заедно со скулптурите и уметноста која ја опкружува, а со кои и колоритно се надополнува, за кои мислев дека се соодветни на годишнината и поводот. Па така, скулптурта на Дада е ставена во преден план затоа што истовремено потсеќа на хор, или бенд, или група што се бунтува, а одзади е поставен споменикот „Бомба“ посветен на антифашистичкото востание во 1941 и улогата на младите од Скопје во почетоците на народно-ослободителната војна. Во позадината е поставена планетата на која стои Малиот Принц – омилената скулптура на сите детски посетители на установата. Според мене, МКЦ за изминативе 50 години е тоа – дом на младинската бунтовност, прогресивност и уметност и на детската радост”, изјавува Ковачевски.
ЈУ МКЦ е една од најзначајните институции од областа на културата и вон институционалното културно делување во државата, основан на 28 декември 1972 година од Собранието на Град Скопје. По скромните почетоци наменети за најмладите, својот вистински развој МКЦ го доживува во последните 20 години со проширување на своите програмски, стратешки и културни делувања. Како институција која е востановена и никната врз основа на покажаната светска солидарност, пост земјотресот, МКЦ за младите во Скопје значи нов импулс, нови надежи и простор во кој можат да ги реализираат своите културни потреби како најважната точка за дружење, размена на идеи, место за слободно изразување на младите.
По повод отворањето на вратите на МКЦ на 28 декември 1972 година, во тек се подготовки за голем настан со кој на прекрасен и симболичен начин ќе се заокружи јубилејната година на институцијата.