Поранешен војник кој чекаше повеќе од 12 часа за да го види ковчегот на кралицата во Единбург рече дека е подготвен да чека уште подолго и тоа е искуство што никогаш нема да го заборави.
Џорџ Хигинс (61) беше прв во редот во понеделникот наутро и отиде да го заземе неговото место веднаш штом ја заврши ноќната смена во болницата.
Тој чекаше од 6:45 часот, повеќе од 10 часа пред официјален претставник да соопшти дека на јавноста ќе ѝ биде дозволено да влезе во катедралата Сент Гилс, каде што се чуваше ковчегот со телото на кралицата Елизабета Втора.
Дури по 12 часа чекање успеал да влезе во катедралата и да ѝ оддаде последна почит на кралицата.
Хигинс за Sky news ја опишал „трогателната сцена“ во катедралата, каде што, како што вели, било толку тивко што можел да слушне како некој дише.
– Беше неверојатно, вистинско смирувачко чувство. Мило ми е што го направив тоа, би го направил повторно. Тоа беше многу значаен ден, никогаш нема да го заборавам – рече тој.
Тој додаде дека ја имал привилегијата да го види ковчегот на кралицата во Шкотска, бидејќи таа умрела таму, ако таа умрела во Англија, тој не би можел да го стори тоа.
– Морам да одам да му оддадам почит на мојот стар шеф – рече тој.
Луѓето ќе можат да го разгледаат ковчегот во оваа катедрала до 16 часот во вторник. По тоа ќе биде пренесен до аеродромот, од каде ќе замине за Лондон, пренесе Телеграф.рс.