
Утрово, низ неколку локации во центарот на Скопје осамнаа пораки со моќни зборови на револт, тага и борба, поставени од активистичката група „Кој е следен?“, во знак на 100 дена од трагедијата во Кочани.

На Фејсбук страницата на групата беа објавени фотографии и изјава која силно одекна во јавноста:
„Осамна 100-тиот ден по трагедијата во Кочани. Молчевме, жалевме, марширавме, говоревме. Ветивме дека нема да заборавиме. За разлика од системот кој направи сè за да нè дефокусира и дискредитира.“

Викендов, активистите ги повикаа граѓаните да испратат пораки до системот – што би му кажале 100 дена по трагедијата. Одговорот беше масовен: од болка и гнев, до решителни повици за правда и промена. Утрово, тие пораки – заедно со дополнителни од самата група – беа поставени на разни локации низ градот. Некои од нив, доколку не се отстранети, сè уште можат да се видат.
„Денес, сите заедно на системот му испративме вкупно 100 пораки од 100 различни гласа кои го артикулираат она што сите го мислиме и чувствуваме“, велат од „Кој е следен?“.
Пораките, како што истакнуваат активистите, не се само симболични гестови, туку отворени критики до системот кој, според нив, не успеал да ги заштити граѓаните.
„Наведнатата глава не ни помага – сабјата упорно нè сече. Затоа, мораме да ги дигнеме главите – и да ги здружиме – и заедно да смислиме подобар систем кој ќе го брани животот, а не профитот.“
Со последната порака, тие ја изразија својата почит и тага кон Кочани:
„Кочани, најдлабоко ти се извинуваме што дозволивме ова да ти се случи за да ни ги отвори очите. Но, сега нема назад. Веќе не молчиме. Не простуваме. Не забораваме. Правда мора да има.“
Оваа акција е уште еден потсетник дека трагедијата не е завршена приказна и дека гласот на граѓаните сè уште одекнува, барајќи одговорност и системска промена.