
Полска подготвува нов пакет помош за Украина, вреден околу 56 милиони долари, кој претежно ќе опфати оклопни возила, соопшти полскиот премиер Доналд Туск по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев. Туск изјави дека Варшава во секој момент е подготвена да испорача борбени авиони МиГ-29, но нагласи дека Зеленски посочил оти на Украина во овој момент ѝ се попотребни системи за воздушна одбрана.
Полскиот премиер најави дополнителни разговори со полските власти, по што повторно ќе ја координира позицијата со украинскиот претседател. Зеленски, пак, истакна дека Киев е отворен за размена на беспилотни летала за ракети за противвоздушна одбрана и за полски борбени авиони МиГ-29. Двајцата лидери разговарале и за продлабочување на соработката меѓу енергетските системи на двете земји. Украинскиот претседател информираше дека мировните разговори меѓу Украина и Русија, со посредство на САД, ќе продолжат во блиска иднина, по завршувањето на вториот ден од разговорите во Абу Даби.
Тој додаде дека украинската делегација го отворила и прашањето за нови размени на воени заробеници, откако денеска беа ослободени вкупно 314 лица од двете страни. Во меѓувреме, Туск соопшти дека Полска и Украина потпишале писмо за намери за заедничко производство во областа на одбранбената индустрија. Според него, документот претставува почеток на конкретна и практична соработка, со цел заедничко производство на оружје и муниција во двете земји, пренесува Укринформ.

