Утрински Весник
Македонија

Политичка есен: Некој најавува протести, некој апсења, никој не зборува за економија

Vlada 183439 1.jpg

Влада ги троши првите сто дена од мандатот во време на висока туристичка сезона и стандардните смени на првите, вторите но и подолните ешалони во државните институции. 

Во таков амбиент, многу малку се работи а многу повеќе се ветува „за од септември“. 

Покрај редовните скандали (барем еден неделно) што ѝ се случуваат (како патувањето во САД, имотот на Јанушев, па се до и инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи)  Владата во овие четриесеттина денови главно се фокусираше на соработката со Република Унгарија. 

Од таму треба да стигне првата транша од заемот вредна 250 милиони евра, што премиерот Мицкоски ги ветува како инјекција за стопанството.

Но покрај каматата, Унгарија за возврат најверојатно ќе добие и присуство на нејзин мобилен оператор на македонскиот пазар.

И тука некаде приекува активноста на Владата во делот на економијата, а се друго поврзано од оваа тема беа оправдувања со ребелансот на буџетот. 

Но затоа пак дел од учесниците во владината коалиција, ВМРО-ДПМНЕ и Вреди се насочени првенствено кон своите политички опоненти. 

ВМРО-ДПМНЕ го обвинува СДСМ за наводно криминално владење и направени огромни штети, додека пак ДУИ го обвинува за подготовка на дестабилизација на државата.

Од оваа партија најавуваат случаи и предмети во кои, според ВМРО-ДПМНЕ, треба да одговараат функционери од двете партии кои до пред некој месец беа на власт.

Од друга страна Вреди исто така е во клинч со ДУИ, но се чини повеќе поради тоа кој има подобар однос со Приштина, отколку за тоа кој има подобри идеи за граѓаните. 

Главната опозициска партија СДСМ, е во период на консолидација и воспоставување на ново раководство, па оттаму очекувано, дејствувањето на оваа партија е симболично главно со укажување на грешките на новата влада. 

ДУИ пак, денеска најави дека од септември излегува на терен, но оттаму повеќе ќе се бори за нивната заложба дека тие, а не Вреди треба да бидат дел од власта, додека како и секогаш до сега, интересите на граѓаните за оваа партија секогаш биле во втор, можеби и трет план. 

Септември е на прагот, а главните политички чинители велат дека со тоа ќе дојде и жешката есен на македонската политичка сцена. 

Останува да се види дали во сегашното копање на ровови и во идните меѓусебни препирки, некоја од партиите ќе се сети и на потребите на граѓаните кои на крајот и решаваат која партија ќе биде власт, а која опозиција.  

Можете да прочитате

Зошто цвета државниот криминал со тендери во Македонија?

Мицкоски: Стотици милиони евра префрлени кон ЕСМ лажно прикажани како капитални инвестиции

ДУИ: Ова е критичен момент не само за Албанците, туку и за сите граѓани