Утрински Весник
Македонија

Полицијата со нова „алатка“ за ловење на дрогирани возачи: Ќе ги тестира за 10 минути преку тест со плунка

Policija.webp.webp

Министерството за внатрешни работи наскоро ќе ја засили контролата на учесниците во сообраќајот со набавка на нова генерација брзи тестови за дрога преку плунка, дознава порталот 4NEWS.mk.

Како што пренесува порталот, станува збор за брзи имунохроматографски тестови, специјално наменети за употреба од овластени службени лица без потреба од медицинско предзнаење. Тестовите се едноставни за употреба и овозможуваат земање примерок за помалку од една минута, со неинвазивен метод – преку орален брис или апликатор. Резултатите се видливи за максимум 10 минути, без употреба на дополнителна електронска опрема.


Според техничките спецификации, новите тестови ќе овозможат детекција на шест видови психоактивни супстанции: тетрахидроканабинол (THC), кокаин, амфетамин и метамфетамин, опијати како морфин и хероин, екстази (MDMA) и бензодиазепини.

Овие тестови се произведени во согласност со европските стандарди, имаат CE сертификација за ин витро дијагностика и ISO 13485 сертификат за квалитет на медицински уреди. Дополнително, потврдено е нивното користење во полициски и други институции за спроведување на законот.

Министерството бара тестовите да имаат рок на траење од најмалку 12 месеци, да бидат индивидуално пакувани и јасно означени со рок на употреба, серија и производител. Добавувачот, доколку е потребно, ќе обезбеди и бесплатна обука за полициските службеници за правилна примена и читање на резултатите.

Испораката на тестовите се очекува најдоцна 30 дена по потпишувањето на договорот, а документацијата и упатствата ќе бидат достапни и на македонски јазик.

Со оваа набавка, МВР ќе има на располагање современи и сигурни средства за проверка на возачите, со што значително ќе се придонесе кон зголемување на безбедноста на патиштата.

Можете да прочитате

ДУИ: Срамна одлука на ДИК за намалување на бројот на советници

Викендов времето ќе биде многу посвежо, повремено ќе дува засилен северен ветер!

Клековски: Секој кој мисли дека е оштетен при кардиолошки операции да пријави кај нас