Утрински Весник
Македонија

Подметнат пожар кај Кавадарци на пет локации – има осомничено лице

Screenshot 2026 08 03 171223.jpg

Пожарот во Кавадаречко повторно се реактивирал и се проширил на тешко пристапен терен, поради што во неговото гаснење се ангажирани два „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), соопшти директорот на институцијата, Стојанче Ангелов.

Според Ангелов, доцна синоќа, на дваесетина километри од Кавадарци, биле подметнати пожари на пет различни локации, а за случајот веќе има осомничено лице.

„Лицето беше забележано од вработени во Национални шуми. Побегнало од возилото, но подоцна е пронајдено и во моментов кавадаречката полиција разговара со него. Се надевам дека ќе бидат обезбедени доволно докази за осомничениот да биде изведен пред лицето на правдата“, изјави Ангелов.

На терен е и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој информираше дека сите расположливи сили се мобилизирани во обид пожарот да биде ставен под контрола.

„Во гаснењето се вклучени пожарникарите, екипи на Дирекцијата за заштита и спасување со воздушна поддршка од два авиона, припадници на Министерството за внатрешни работи, Граничната полиција, како и екипи од Шумското стопанство – Кавадарци“, изјави Јанчев.

Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека во текот на вчерашниот ден биле регистрирани околу триесет пожари на отворен простор низ државата. Поспецифични биле два истовремени пожари во Гостивар, кои во меѓувреме се целосно изгаснати.

Надлежните продолжуваат со напорите за локализирање на пожарот во Кавадаречко, додека истрагата за сомнежите за намерно подметнување е во тек.

Можете да прочитате

Сулејмани и Ерсој во Анкара: Нови можности за соработка во културата и туризмот

Сузбиена криминална група за криумчарење стоки, поднесена кривична пријава против осум лица, одземени над 100.000 евра, лекови, суплементи и други предмети

Во Тетово уапсени две лица за посредување при вршење проституција