
Метео анализа на Славчо Попоски:
Под влијание на влажен воздушен бран од Медитеранот од денес попладне (вторник 23 декември) па до четврток (25 декември) во Македонија времето ќе биде облачно со повремени локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни и локално за време на овој период ќе наврне позначително количество на воден талог (над 30 литри дожд). Поради продор на поладен воздух од север на планините над 1200/1300 метри надморска височина врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег и ќе се формира снежна покривка со висина до околу 10 сантиметри.
Во Скопје и околината за време на погоре споменатиот период времето ќе биде облачно со повремен локален дожд кој повремено ќе биде со умерен интензитет. На околните планини ќе има повремени врнежи од снег.
Ќе дува слаб до умерен ветер најпрвин од југоисточен а потоа од североисточен правец и истиот повремено ќе засилува на интензитет.
Што се однесува до температурите тие наутро ќе се спуштаат во интервалот од -1 до 7 степени а преку ден тие ќе се искачуваат во интервалот од 3 до 10 степени. Во Скопје наутро температурата ќе се спушта до околу 3 степени а преку ден таа ќе се искачува до околу 6 степени.
Поради промената на времето, врнежите и поради повременото засилување на ветерот кој го очекувам следните денови исто така очекувам намалување на интензитетот на маглата и нејзино расчистување како и намалување на загаденоста во воздухот во градовите во Македонија.



