
Од 26. до 28. јуни, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ), ќе се одржи седмото издание на „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ). Тридневната ревија ќе понуди богата програма од најновите македонски кратки, документарни и долгометражни филмови, а влезот за сите проекции е бесплатен.

Иницирана како дел од стратешката програма за афирмација на филмската уметност и поддршка на домашната продукција, филмската ревија „Златна рамка“ се етаблира како еден од клучните настани во македонската културна сцена. Со своето седмо издание, ревијата ја продолжува својата мисија – да ја претстави актуелната продукција транспарентно и критички, да ја доближи до домашната публика и медиумите, како и да придонесе кон унапредувањето и квалитетот на македонската кинематографија преку стимулирање на продукциската и креативната динамика во индустријата.
„Златна Рамка“, покрај тоа што е филмска ревија, претставува и платформа за професионален дијалог, каде филмските автори, продуценти и актери дискутираат за релевантни прашања, ги споделуваат своите достигнувања и остваруваат соработки.
Особено значајно е што овогодинешното издание на „Златна рамка“ се совпаѓа со јубилејот – 75. години од основањето на Друштвото на филмски работници на Македонија – здружение што има витално значење за развојот и заштитата на македонската кинематографија од нејзините почетоци до денес. Од своето основање, ДФРМ претставува глас и поткрепа за сите професионалци во домашната филмска индустрија.
„Златна рамка“ ја симболизира основната кинематографска единица, рамката, и на симболичен начин ги обединува творештвото, критиката, традицијата и современоста во македонскиот филм. Со секое ново издание, ревијата ја афирмира својата важност како двигател на културен дијалог што ги надминува жанровските, лингвистичките и културните граници.
Во рамки на тридневната програма, присутните може да очекуваат да уживаат во програма со различни долгометражни филмови, кратки и документарни филмови од најновата македонска филмска продукција.
ПРОГРАМА
Краткометражни филмови:
На 26 јуни со почеток во 18 часот ќе бидат прикажани пет кратки филмови. На програмата се остварувања на режисерите: Елеонора Венинова, Халим Лута, Надежда Панов, Трифун Ситниковски и Васил Христов.
Долгометражни филмови:
27 јуни, 20:30 часот: “Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оровчанец, во продукција на “Трис Филмс“.
28 јуни, 20:00 часот: “Најтешкото нешто“ во режија на Сердар Акар, во продукција на “Сектор филм“.
Документарна програма:
27 јуни, 19:00 часот: “Време на бетон“ во режија на Игор Иванов, во продукција на “Скопје Филм Студио“.
28 јуни, 18:00 часот: “Богатство“ во режија на Арсим Фазлија, “Сејви Продукција“.
Дополнително, на 28 јуни, како дел од социјалната програма ќе се одржи и специјална проекција на „Најтешкото нешто“ во Домот за стари лица “Мајка Тереза“ за публиката која не може да го посети киното “Фросина“.