Утрински Весник
Македонија

Почнува ортофотоснимањето на земјоделските површини на целата територија на државата

Почнува ортофотоснимањето на земјоделските површини на целата територија на државата

Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, го потпиша договорот со МГГП С.А. од Полска за ново ортофотоснимање на земјоделските површини на целата територија на државата.

dobivaj vesti na viber

Ортофотокартите изработени од новото аерофотограметриско снимање ќе бидат основен извор на геопросторни информации, кои ќе ни ја дадат моментната слика на терен. Нивното значење е големо, пред сè, за водење на регистрите во рамките на Министерството.

Изготвените ортофотоснимки наоѓаат примена и при управувањето и креирањето на земјишната политика во делот на полјоделството, овоштарството и лозарството, потоа управувањето со државното земјоделско земјиште, како и во делот на водостопанството и шумарството. Целта на оваа активност е да бидат изготвени нови дигитални ортофотокарти со висока резолуција, кои понатаму, покрај во земјоделството, ќе најдат широка примена и во повеќе области, како: геодезијата, Катастарот, урбанизмот, заштитата на животната средина, кризниот менаџмент, одбраната и во други области во кои се користат геопросторни податоци.

Последното ортофотоснимање на целата територија на државата беше извршено во 2017 година преку средства од ИПА ТАИБ-националната програма за 2012 година, информираат од Министерството.

„За новото ортофотоснимање, кое почнува овој месец и треба да биде завршено до крајот на август, во зависност од временските услови, во целост се обезбедени средства од националниот буџет на државата во вкупна вредност од 25,8 милиони денари. Изработката на овие податоци е во согласност со неколку стратешки приоритети на Владата на Република Северна Македонија и е во согласност со новиот модел за субвенционирање, кој ќе биде побрз и поефикасен, со поголема контрола и насочен кон поддршка на вистинските земјоделци. Токму ортофотоснимикте се еден од методите што на Платежната агенција ќе ѝ помогнат за поголема контрола при процесот за финансиска поддршка во земјоделството“, изјави Николовски.

Преку новите ортофотоснимки ќе се ажурираат податоците за референтните земјишни парцели, со што точно ќе може да се утврди употребата на земјиштето. Пријавувањето, пак, за финансиска поддршка ќе се врши само за парцела на која е утврдена употреба за земјоделска дејност со точно утврдена големина. Платежната агенција има можност уште во процесот за поднесување барања да врши административни проверки за големината на пријавена површина и кодот на употребата. На тој начин ќе се намали ризикот од пријавување необработено земјиште.

Од таму велат дека она што го очекуваат со изготвувањето на новите ортофотоснимки е значително зголемување на ефикасноста при контролата за сите мерки поврзани со површини. Со најновите снимки на земјоделските површини ќе бидат ажурирани и податоците на референтните парцели во СИЗП, со што би се намалиле можните грешки при поднесувањето на барањата по површини, а истовремено би се забрзало и одобрувањето на исплатите кај овие барања.

Новите ортофотоснимки се неопходна основа и за надградување на IACS со новиот модул „Мониторинг“ за следење на сите земјишни парцели преку сателитски снимки.

На овој начин, како што се појаснува во информацијата, нашето земјоделство се усогласува до заедничката земјоделска политика на Европската Унија.

Можете да прочитате

Владата најави изградба на втора жичница од Капиштец до врвот на Водно

Од 1 јануари фирмите ќе плаќаат до 100 проценти повеќе за експлоатација на природни ресурси

ВЛЕН: ДУИ нон грата крадеше и во пописот на населението, милиони евра во нивните џепови!