
Грчкиот планински град со античко и историско значење Делфи од денеска до сабота ќе биде домаќин на јубилејниот десетти Економски форум, на кој најавени се над 1.000 говорници од 55 земји, меѓу кои и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој утре ќе учествува на панел-дискусија, јави дописничката на МИА од Атина.
Економскиот форум во Делфи, како и секоја година на едно место ќе собере политичари, претставници на влади, академци, истакнати личности од повеќе области, кои ќе дискутираат на низа актуелни теми.
Министерот Муцунски утре попладне ќе учествува на панел за односите меѓу САД и ЕУ.
Минатата среда, на прес-конференција во Атина, претседателот и потпретседателот на Делфи форумот, Симеон Цомокос и Јанис Томатис ги презентираа деталите за годишната конференција, како и централните теми на кои ќе се фокусираат дискусиите, а одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина посочија дека и оваа година нема да изостане Балканот, но не само од аспект на проширувањето на Европската Унија, туку и од аспект на енергетиката.
Како што објасни Цомокос, за проширувањето на ЕУ со земјите од Балканот се очекува да говори шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, но и да се одржи посебна панел-дискусија во организација на Фондацијата за европска и надворешна политика ЕЛИАМЕП, а дополнително, планирани се дискусии и за енергетските теми што се однесуваат на регионот.

Освен официјалниот дел и панел дискусиите, планирано е да се одржат и две затворени дебати, едната посветен на Блискиот Исток, другата на Балканот.
Министерот Муцунски е меѓу десетте шефови на дипломатии што ќе бидат дел од форумот, а потврдено е учеството на министри од регионот, Европа и светот.
Вкупно ќе земат учество 1.018 говорници, од кои 617 се од Грција, а останатите од странство.
На свеченото отворање на форумот, закажано за денеска напладне, ќе се обратат претседателот на Грција, Константинос Тасулас, претседателот на Бугарија, Румен Радев и генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), Матијас Корман.
Од Грција, освен шефот на државата, под чие покровителство е форумот, во Делфи ќе биде и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, голем број министри од Владата, како и лидери на опозициските партии.
Според организаторите, форумот ќе опфати повеќе теми како што се: геополитичката и меѓународната безбедност, светската економија, климатските промени, технологијата, како и граѓаните и општеството.
Делфи економскиот форум, што оваа година е десетти и јубилеен, е независна, непрофитна организација со меѓународен карактер, каде секоја година се среќаваат престижни личности од економијата, политиката и академската заедница, а целта е да се прикаже реална рамка на цели и активности, да се бараат политики за справување со глобалните предизвици и да се најдат соодветни решенија за сложените прашања, како и да се промовираат иновативни идеи за одржлив и конкурентен раст за Европа и поширокиот регион на Источен Медитеран.
За министерот Муцунски, економскиот форум во Делфи, ќе биде и негова прва посета на Грција од политички аспект, со оглед на тоа што пред две седмици беше во Солун, меѓутоа за да ги посети повредните во трагичниот пожар во Кочани, кои се хоспитализирани во две солунски болници.