
На 71-годишна возраст денеска во Скопје почина универзитетскиот професор, научник и дипломат Јован Донев, кој зад себе остави богата академска, научна и дипломатска кариера.
Донев важеше за истакнат истражувач во областа на македонската историја, меѓународните односи и геополитичките процеси поврзани со Македонија и Балканот.
Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1979 година, магистрирал во 1986, а докторирал во 1993 година. Значителен дел од неговата научноистражувачка работа бил посветен на меѓународните политички аспекти на македонското прашање.
Својата научна кариера ја градел во Институтот за национална историја во Скопје, каде што се стекнал со звањата научен советник и редовен професор. Предавал и на повеќе високообразовни институции, меѓу кои Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје и Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Од 1999 до 2012 година бил извршен директор на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“, а претходно ја извршувал функцијата директор на Охридскиот летен универзитет. Во текот на 1990-тите години бил и претседател на Управниот одбор на Фондацијата Институт Отворено Општество Македонија.
Значаен дел од неговата професионална кариера беше поврзан и со дипломатијата. Од 2013 до 2017 година Донев беше амбасадор на Република Македонија во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, со седиште во Лондон. Во истиот период бил акредитиран и како амбасадор во Ирска и Исланд.
Во 2017 година бил и член на Советот за безбедност на Република Македонија.
Донев е автор и коавтор на бројни научни трудови и публикации од областа на историјата, меѓународните односи и надворешната политика. Меѓу неговите позначајни трудови се оние посветени на Македонија во меѓународните договори, односот на големите сили кон Балканот и македонското прашање во периодот на Балканските војни.
Со неговата смрт, македонската академска и научна јавност загуби долгогодишен професор и истражувач, а дипломатијата поранешен амбасадор со значајно професионално искуство.


