Џими Картер, скромен земјоделец од Џорџија, кој како претседател на САД се бореше со лошата економија и заложничката криза во Иран, но кој извојува мир меѓу Израел и Египет и подоцна ја доби Нобеловата награда за мир за својата хуманитарна работа, почина во неделата, на 100-годишна возраст, објавија американските медиуми.
Џими Картер беше демократски претседател од јануари 1977 до јануари 1981 година. Картер ја напушти Белата куќа откако беше поразен на изборите од републиканецот Роналд Реган, поранешен актер и гувернер на Калифорнија.
Картер по неговиот престој во Белата куќа живееше подолго од кој било друг американски претседател. На тој пат, тој заработи репутација дека е подобар како поранешен претседател отколку како претседател, улога што доброволно ја прифати.
Во последниве години, Картер имаше здравствени проблеми, вклучувајќи меланом кој се прошири на неговиот црн дроб и мозокот. Во февруари 2023 година, тој одлучи да добие палијативна нега наместо да оди на дополнителна операција. Неговата сопруга Розалин Картер почина на 19 ноември 2023 година, на 96-годишна возраст.
Картер се појави на нејзиниот погреб во инвалидска количка.
Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден објави дека државниот погреб на поранешниот претседател Џими Картер ќе биде на 9 јануари во Вашингтон.
Бајден го прогласи 9 јануари за национален ден на жалост низ САД и нареди американските знамиња да бидат на половина копје 30 дена.
„Денес Америка и светот изгубија извонреден лидер, државник и хуманитарец. Повеќе од шест децении ја имавме честа да го наречеме Џими Картер драг пријател. Но, она што е извонредно за Џими Картер е тоа што милиони луѓе во САД и ширум светот кои никогаш не го запознале, исто така го сметале за драг пријател“, наведоа во соопштение американскиот претседател Џо Бајден и неговата сопруга Џил.
„Предизвиците со кои се соочи Џими како претседател дојдоа во одлучувачки момент за нашата земја и тој направи се што е во негова моќ за да ги подобри животите на сите Американци. Затоа му должиме благодарност“, изјави новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.