Утрински Весник
Македонија

По повеќе од десет години застој: Недовршените згради кај Ректоратот конечно ќе се доградуваат за потребите на ФИНКИ

Whatsapp image 2025 01 19 at 22.39.01 88738d9d 1024x794 1.jpg

По повеќе од една деценија стагнација, двата недовршени објекта во близина на Ректоратот на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје конечно се на чекор до продолжување на изградбата. Процесот ќе започне со избор на проектант, а потоа и изведувач на градежните работи, информираат од Министерството за образование и наука.

Рокот за пријавување на тендерот за изработка на нови проекти за градба заврши на 30 јануари. Повикот, објавен кон крајот на 2025 година, се темели на детална стручна анализа за моменталната состојба на објектите и реалните потреби на идните корисници.

Поради изменетите стандарди и концепти во високото образование, донесена е одлука двата објекта да ги користи исклучиво Факултет за информатички технологии и компјутерско инженерство. За Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, за кој првично беше наменет едниот објект, се планира изградба на нова зграда на постојната локација.

Стручната анализа е изработена од работна група координирана од проф. д-р Горан Марковски од Градежниот факултет, во која учествувале експерти од ФЕИТ, Машинскиот и Архитектонскиот факултет, како и од Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.

Според проф. Марковски, објектите со вкупна површина од 22.753 квадратни метри ќе го задржат постојниот габарит и нема да добијат барокна фасада. Планирана е целосна прераспределба на внатрешните простории, поставување нови инсталации и модернизација, а двата објекта ќе бидат и подземно и функционално поврзани, бидејќи ќе служат за еден факултет.

Анализата укажува и на сериозна карбонизација на бетонот, предизвикана од долгогодишната изложеност на атмосферски влијанија и високото загадување на воздухот во овој дел од Скопје. Иако тоа е јасен индикатор за зголемено присуство на јаглерод диоксид, конструкцијата засега е стабилна и со соодветна заштита може да се спречи понатамошна деградација.

Динамиката на продолжување на изградбата ќе зависи од средствата обезбедени во државниот буџет. Очекувањата се проектирањето да заврши до есен, а до крајот на годината да биде распишан тендер за избор на изведувач.

Од Министерството посочуваат дека стручната анализа е изработена бесплатно, како чин на општествена одговорност, со цел да се обезбеди безбеден, функционален и современ простор за студентите и наставниот кадар на ФИНКИ.

Можете да прочитате

Kражба на електрична енергија од трафостаница за копање биткоини, штета од 16 милиони денари

МЕРМС: СДСМ грубо манипулира за да го сокрие фактот дека нивните долгови го кочат развојот – конечно воведуваме ред таму каде што владееше хаос

„Ги запознаваме ретките болести“: Синдром Охтахара