
Базенот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје нема наскоро повторно да ги отвори вратите за посетителите. По невремето што го погоди главниот град на 21 јули, при кое беше оштетен и однесен дел од кровот, објектот ќе остане затворен сè до завршувањето на целосната реконструкција, која според проценките може да трае од 12 до 18 месеци.
За време на силното невреме делови од кровната конструкција паднале во внатрешноста, во близина на патеките за пливање, каде во тој момент имало посетители. Поради опасноста била извршена евакуација, а базенот оттогаш е затворен.
Директорот Даниел Апостоловски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека нема да се оди само на поправка на кровот, бидејќи објектот и пред невремето бил во лоша состојба и му била потребна итна санација.
„Базенот и пред невремето беше во лоша состојба и му требаше итна санација. По невремето одлета кровот и сега нема да правиме никакви интервенции само на кровот, туку ќе биде затворен додека целосно не се реновира“, вели Апостоловски.
Според него, проектот за реконструкција е веќе готов, а во следниот период треба да биде распишан тендер за избор на изведувач. Очекувањата се градежните работи да започнат во ноември.
Планот предвидува темелна реконструкција на базенот – од машинската соба до кровната конструкција. Според проектната документација, самите градежни активности треба да траат меѓу 12 и 18 месеци.
Но, ако на тоа се додаде периодот потребен за спроведување на тендерската постапка, избор на фирма и склучување договор, базенот практично би можел да остане недостапен за посетителите околу две години.
Објектот беше реновиран во 2010 година, кога директор беше Ратко Капушевски. Проблеми со состојбата на базенот имаше и минатата година, кога падна летва од таванот. Апостоловски тогаш изјави дека претходното реновирање не било изведено како што треба и најави целосна санација.
По тој инцидент, на таванот беше поставено црно платно, а санацијата траеше околу пет месеци. Сега, по штетите предизвикани од невремето, раководството најавува целосна реконструкција наместо привремено санирање на оштетувањата.



