Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска соопшти дека исплатата на унгарскиот заем од половина милијарда евра за кој договорот денеска во Будимпешта го потпиша министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска ќе биде на 9 или 10 јануари, како што рече, за да се раздолжиме на 25 јануари.
– Еве имаме милијарда, ја ветивме милијардата. Ги земаме овие 500 милиони за да се раздолжиме во јануари. Се бориме и ова е борба. И во оваа борба, не велам дека нема да помине туку така без да добиеме некаква лузна, ќе има, рече Мицкоски, на новинарско прашање за заемот од Унгарија од каде претходно обезбедивме исто така 500 милиони евра.
Заштедивме, потенцира Мицкоски, најмалку 200 милиони, ако издадевме еврообврзница со каматна стапка сигурно ќе беше над шест проценти.
Премиерот исто така нагласи дека во скоро време се очекуваат најмалку три инфраструктурни проекти за кои многу скоро од денеска јавноста ќе биде информирана.
-Многу добра работа што никој не ја примети, а поминува деновиве е што конечно се одблокираа две големи инвестии во делот на енергетиката и зелената енергија – Сончевиот парк во Битола и Ветерниот парк Богданци 2, тоа што не е направено седум години, рече Мицкоски.