
По четиринаесет години активно медиумско присуство на Балканот, регионалниот телевизиски проект „Ал Џезира Балканс“ официјално се гаси, потврдија извори за сараевскиот портал Klix.ba. Оваа вест означува крај на еден од најпрепознатливите информативни брендови во регионот.
Филијалата на глобалниот катарски медиум „Ал Џезира“, со седиште во Сараево од 2011 година, успешно опслужуваше публика низ целиот Балкан, преку својата мрежа на канцеларии во Белград, Загреб, Подгорица, Скопје, Љубљана и Приштина.
Телевизијата беше пионер во својата категорија – првата што емитуваше програма на јазик различен од арапскиот и англискиот, а особено се истакна со оригинални документарни проекти и сериозен новинарски пристап.
Присуството на „Ал Џезира Балканс“ во регионот започна уште во 2010 година, кога го презеде локалниот канал НТВ Студио 99 во Сараево, отплатувајќи 2,3 милиони КМ – сума која претставуваше долгови на компанијата кон државата.
Покрај телевизиската програма, во 2018 година АЈБ го основа и AJB DOC, меѓународен фестивал за документарни филмови, кој секоја година се одржува во Сараево и привлекуваше голем број регионални и светски автори.
Иако официјалните причини за затворањето сè уште не се објавени, медиумите шпекулираат дека станува збор за деловна одлука донесена од седиштето во Доха, веројатно поврзана со финансиски причини и стратегиско преструктуирање на мрежата.
Затворањето на „Ал Џезира Балканс“ претставува голема загуба за медиумскиот пејзаж на регионот, особено во контекст на квалитетното и професионално известување кое телевизијата го градише повеќе од една деценија.