Истрага за четири лица кои биле дел од терористичка ќелија која планирала извршување на напади отвори Основното јавно обвинителство за гоење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) по вчерашната акција во Гостивар и Струга кога осомничените беа приведени. Според обвинителството, 21-годишен гостиварец на почетокот на оваа година создал и активно координирал терористичка организација/ќелија, заедно со уште двајца негови сограѓани како и едно лице од Струга. Организацијата со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС имала намера на изведување на терористички акт на цивилни – меки цели и јавни објекти.
„Првосомничениот во почетокот на 2024 година формирал повеќе групи на социјалната мрежа Telegram каде искажувал целосна подготвеност и намера за извршување на терористички напад, како и поттикнување на други лица за извршување на терористички напади во Европа. Во групите споделувал претходно набавен и преработен – преведен пропаганден материјал на ИСИС, регрутирајќи нови членови, правејќи обиди за набавка на огнено оружје, како и споделувајќи упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе бидат искористени за извршување на терористички напади“, информираат од ОЈО ГОКК.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека групата е следена подолго време.
Во ќелијата членувале и други непознати лица од државата и од странство. Не станува збор за лица кои се повратници од ИСИС или од други ризични подрачја, но имале врски и интернет комуникации со насилни екстремисти од странство.