Во овие изминати осум дена, Кинотеката беше свртилиште на вистинските филмољупци, а фестивалот зад себе остави возбудлива енергија и поттик за филозофско естетки размислувања, и нови филмски соништа.
Со соопштување на наградите од интернационалното жири и последната проекција од програмата, синоќа во Кинотеката на С. Македонија, во одлична атмосфера, беше затворен годинешниот Филозофски филмски фестивал.
Јапонскиот филм „План 75“ (2022) во режија на Чие Хајакава ја доби наградата „Златен був“ во Официјалната селекција на долгометражен филм на 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал. Освен жирито, овој филм ги освои и гласовите на публиката.
„’План 75’, исполнува три услови што го прават многу избалансиран и солиден филм: неговиот кинематографски стил е во дослух со најдобриот јапонски филм, од Јасуџиро Озу до Хироказу Кореда; филозофските проблеми од морална природа што ги поттикнува на соодветен начин, и, нешто многу важно, капацитет да се движи и го оддржува љубопитството; да допре до гледачите, а тоа е крајната цел на филмот, да биде виден и вреднуван од јавноста“, стои во одлуката на жирито во состав: д-р Елизабета Шелева (професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ), д-р Луис Мартин Ариас (професор на Универзитетот во Ваљадолид, Шпанија) и д-р Нил Кенеди (професор на Тринити колеџот во Даблин, Ирска).
Меѓународното жири, пак, во Официјалната селекција на краткометражни филмови, составено од режисерката Ана Јакимска, визуелниот уметник и истражувач Наташа Неделкова и филмскиот критичар од Луксембург, Том Докал, одлучи наградата „Златен Був“ да ја додели на филмот Гробишта на коњи (2022) од Џјанг ‘Шјао’шјуен. Специјалната наградата „Стефан Сидовски – Сидо“ жирито ја додели на филмот „Те молам, потруди се“ (2022) од Даниел Соариш.
„По визионирањето на извонредниот избор од 15 кратки филмови на ова 13.то издание, нашето жири одлучи особено да ги издвои овие два филма, во однос на нивниот филозофски јазик развиен според нивните соодветни филмски форми и естетика. Филмот „Гробиштата на коњите“на Џјанг ‘Шјао’шјуен на многу разумен и трогателен начин, предизвикува силно филозофско размислување за мајчинството, духовноста и поврзаноста на луѓето со постоечките биолошки, еколошки и метеоролошки системи што ги опкружуваат. Филмот пак „Те молам, потруди се“ е извонредно достигнување на филозофски филм во однос на неговиот социјален аспект, со многу оригинален мизансцен. Тој е силен коментар на современите менаџерски капиталистички логики, каде што работничката е и предмет на експлоатација и непочитување, од страна на нејзиниот шеф тиранин кој не го зема предвид нејзиниот приватен и семеен живот“, стои во одлуката на жирито.
Наградата „Златен Буф“од страна на публиката во оваа конкуренција отиде во рацете на Тепо Ајраксинен и филмот „Ќебенцето“ (2022).
Инаку, Филозофскиот филмски фестивал кој ја негува и промовира мисловната, филозофско-eстетичка димензија на седмата уметност, годинава по 13. пат се одржа од 2-9 јуни во Кинотеката на С. Македонија. Во рамките на ова фестивалско издание беа прикажани 40-тина филмови, се одржаа 50-настани, имаше петнаесеттина годти и 24 учесници на Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“.
Во овие изминати седум дена, Кинотеката беше свртилиште на вистинските филмољупци, а фестивалот зад себе остави возбудлива енергија и поттик за филозофско естетки размислувања, и нови филмски соништа. Програмата на фестивалот беше следена со голема возбуда од страна на посетителите, а проекциите беа исполнети како никогаш претходно. Со особена будност и интензивни и долги разговори беа проследени сите Q&A сесии. Незаборавни ќе останат споделувањата на размислувањата на ексклузивните гости режисерот Иво Трајков и Кшиштоф Зануси, чии најнови оставрувања беа прикажани на фестивалот.
Не помалку интерес предизвикаа и проекциите на антологиски остварувања во рамките на ревијалната програма, кои, исто така, беа поттик за претолкување на филмовите од филозофска, естетичка, филмолошка итн., визура.
Фестивалот годинава се одржа под мотото „Сè е филм, во множина“, инспирирано од големиот француски филмски великан од новиот бран Жан-Лик Годар (1930-2022) за кого фестивалот подготви специјален сегмент „Фокус Годар“ и по прв пат на големиот екран беа прикажани епизоди од неговите „(И)стории на филмот“.
Традиционално на главниот дел од програмата му претходеше и едукативната програма, поделена во три сегменти: Средношколска видео лектира, Работилници за млади и Фил(м)ософија со деца.
Фестивалот е во организација на Филозофското друштво на Македонија, и се одржи со институционална поддршка на Агенцијата за филм и Министерството за култура, во соработка со Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје, Кинотеката на С. Македонија, Амбасадата на Шпанија во Скопје, Амбасадата на Полска во Скопје, Музејот на современата уметност, како и бројни други долгогодишни соработници и пријатели на Фестивалот.
Филозофскиот Филмски Фестивал е единствениот филмски фестивал во Македонија и регионот што се одвива на крстопатот помеѓу
филозофијата и филмот, и еден од ретките во светот коишто работат во областа на филм-философијата.