Утрински Весник
Култура

Петтото издание на „Златна рамка“ збогатено со социјалната програма „Фокус“

Петтото издание на „Златна рамка“ збогатено со социјалната програма „Фокус“

Оваа година, проекции ќе има за студентите во Студентскиот дом „Гоце Делчев“ на 20 април, за затворениците во Казнено-поправниот дом „Шутка“ на 21 април и за штитениците во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ – Скопје на 22 април.

dobivaj vesti na viber

Петтото издание на „Златна рамка“, ревија на македонски филмови во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ), ќе се одржи од 20 до 22 април во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар и Кинотека на Македонија. Оваа година ќе бидат прикажани вкупно 13 филмови од минатогодишната продукција, од кои три долгометражни филмови, три документарни и седум краткометражни филмови.

Исто како и минатата година, „Златна рамка 2023“ ќе продолжи со спроведување на социјалната програма „Фокус“, која е наменета за публиката која од најразлични социјални ограничувања не може да ги посети киното „Фросина“ и Кинотека. Водејќи се од ова сознание, ДФРМ одлучи филмот да го донесе пред оние граѓани, во институциите каде што се затекнати поради најразлични околности (пензионерски домови, затвори, болници, домови за деца, казнено-поправни домови итн.).

Филмската уметност им припаѓа на сите, без исклучок. Филмот, од самата негова појава пред речиси 130 години се до денес е постојан придружник на современиот човек, без разлика на неговиот материјален, образовен и социјален статус. Но, за жал, а особено на овие наши простори, постојат извесни групи на граѓани кои од најразлични причини се социјално маргинализирани, изолирани и спречени да восприемаат филмска уметност, што пак во современиот свет претставува елементарно човеково право, без разлика на статусот на секој еден од нас.

Водени од мотото „ако вие сте спречени да дојдете на филм, ние филмот ќе го донесеме кај вас“, годинашната „Златна рамка“ ќе биде одбележана со организација на проекции во рамки на установи и институции каде што живеат или престојуваат лица што не можат да одат во кино ниту да посетат филмски фестивал или друг вид на настан. Овие дисперзирани проекции како дел од „Златна рамка 2023“, а поместени во рамките на социјалната програма во иднина ќе бидат надградени со инвентивни работилници и проекции чија крајната цел е инклузивноста на маргинализираните групи на граѓани во тековите на културниот живот.

Оваа година, проекции ќе има за студентите во Студентскиот дом „Гоце Делчев“ – на 20 април, за затворениците во Казнено-поправниот дом „Шутка“ на 21 април и за штитениците во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ – Скопје на 22 април. Во четврток (20 април), со почеток во 18 часот, во Студентскиот дом „Гоце Делчев“ ќе бидат прикажани краткометражниот филм „Бесценета“ во режија на Дејан Јованов и долгометражниот „Мими“ режиран од Даријан Пејовски. Во петок (21 април), во КПД „Шутка“ (почеток 18 часот) на програмата ќе бидат краткометражниот „Синиот час“ на Ана Јакимска и долгометражниот Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона Стругар Митевска, додека во сабота (22 април), во Домот за стари лица „Мајка Тереза“, исто така, со почеток во 18 часот ќе бидат прикажани краткометражните филмови „Си беше еднаш еден звук“ во режија на Огнен Шапковски и „Фениксот од Кавадарци-Васил Хаџиманов“ режиран од Мишо Нетков.

Друштвото на филмски работници на Македонија верува дека филмската уметност и нејзината повеќекратна семантичка димензија е благороден начин на комуникација и можност за подобрување на животот и на оние луѓе кои судбината од различни причини ги ограничила во нивното движење, дејствување и желба за социјална интеграција. Оваа социјално одговорна програма е иницијатива на „Златна рамка“ и ќе се практикува и во иднина.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“