Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска, по повод 4. Април – Денот на НАТО се обрати до граѓаните со видео порака.
„Пред 75 години основачите на НАТО го поставија камен-темелникот на колективната безбедност и демократските вредности ширум светот, вели министерката Петровска во обраќањето, и подвлекува дека и претставува голема чест и одговорност да ја предводи одбраната во овие времиња кога соработката и колективната одбрана се поважни од кога било.
„Северна Македонија има иста цел, заедничка мисија со сојузниците и исти вредности – безбедност, стабилност, мир, солидарност и меѓусебна поддршка”, вели министерката за одбрана.
Видео – пораката на министерката Петровска, ви ја пренесуваме во целост:
„Драги граѓани,
Денес, на 4 април, одбележуваме важен момент во историјата на меѓународната безбедност и одбрана – Денот на формирањето на Северноатлантската алијанса. Пред 75 години, нациите основачи на НАТО ја поставија основата за организација што ќе стане камен-темелник на колективната безбедност и демократските вредности ширум светот.
Во годината во која Северна Македонија одбележува 4 години членство во НАТО, а со сојузниците во Алијансата одбележуваме 75 години од нејзиното основање, можеме да кажеме дека ги имаме сите предиспозиции да бидеме силен гарант на нашата независност и сувереност.
Тоа е успехот на нашата генерација, но во тој успех се вградија и сите оние кои пред нас нè водеа кон истата цел – држава чија безбедност и стабилност е гарантирана и однатре, но и од нашите сојузници.
Како министерка за одбрана, чувствувам голема чест и одговорност што ја предводам одбраната во овие времиња кога соработката и колективната одбрана се поважни од кога било. Нашата интеграција во НАТО не е само потврда за нашата посветеност кон мирот и стабилноста, туку и сведоштво за нашата подготвеност да придонесуваме кон глобалната безбедност.
Имаме иста цел и заедничка мисија со сојузниците. Имаме исти вредности. Безбедност, стабилност, мир, солидарност и меѓусебна поддршка.
Заедно, ние сме посилни и подобро подготвени да се соочиме со предизвиците што нè очекуваат. Само преку колективната одбрана и соработка можеме да градиме постојан и траен мир.
Нека ни е честит денот на сојузничкото единство, нека ни е честит Денот на НАТО!”