Утрински Весник
Македонија

Петровска: ВМРО-ДПМНЕ се уште не дава одговори за клучните прашања и единствено што гледаме од нив е црна кампања

Img 4030.jpeg

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервју за „Независен“ истакна дека според однесувањето на опозицијата гледа преголема желба за по секоја цена да се дојде на власт, без постоење на капацитет за водење на процесите и предизвиците пред кои е исправена нашата држава… црна кампања, без конкретни решенија.

“Може да имаат совршено напишана програма и голем дел од мерките, претпоставувам, да им бидат популистички бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е усовршена во тоа, но нема да дадат одговор на клучното прашање – како ќе го продолжат процесот на ЕУ интеграција. Ако сме чесни кон граѓаните и велиме дека, по НАТО, интеграцијата во ЕУ е вториот наш најзначаен стратешки интерес, тогаш треба да понудиме конкретно решение. Ставот на СДСМ, без оглед колку е можеби политички непогоден за јавноста, е искрен и јасен. Мислам дека граѓаните тоа ќе го ценат на крајот на денот повеќе отколку изговорите – чекајте, прво да дојдеме на власт па ќе кажеме што ќе правиме“, вели министерката.

На прашањето што СДСМ ќе понуди на граѓаните на наредните избори таа вели дека е важно да се увиди што досега не се успеа да се направи и да се понуди решение на таквите состојби, потенцирајќи дека изминатиов период беа донесени тешки и политички непопуларни одлуки, но одлуки кои мораа да бидат донесени, благодарение на кои РСМ сега може многу поинаку да размислува и поинаку да биде преставувана во светот и во регионот.

„Реално, во дијалогот што ќе го имаме со граѓаните пораките ќе бидат јасни – дека ние не отстапуваме од европската интеграција на земјата и дека нема да измислуваме изговори туку ќе даваме решенија како да се постигне тоа. Дека сме подготвени за храбри одлуки околу чекорите што сакаме да ги преземеме, зошто сметаме дека само на тој начин, откако ќе ги затвориме политичките прашања можеме да зборуваме со граѓаните за сите теми што ги интересираат секојдневно – како иселувањето, борбата против корупцијата и криминалот, растот на економијата… Се се тоа прашања што уште повеќе ќе можеме да ги апострофираме и да ги решаваме ако продолжи процесот на евроинтеграција и се надмине овој застој“, додаде таа.

Министерката вели не се плаши од политички реваншизам доколку дојде до промена на власта, но истото го очекува, бидејќи како што вели тоа е нивниот начин на владеење, а тоа свое вистинско лице го покажуваат и сега со однесувањето во техничката влада.

Можете да прочитате

Кузмановска: Ракот не погодува само еден – туку целото семејство

Седумнаесетта „Недела на јапонски филм“ во Скопје и Битола

НЕДЕЛНА АНАЛИЗА НА ВРЕМЕТО: До четврток стабилно, суво и претежно сончево, од петок 29 Ноември, нов влажен бран во Македонија!