Денеска, со обраќањето на министерката за одбрана, Славјанка Петровска, пред студентите на Државниот универзитет во Тетово продолжија серијата академиски дијалози, кои се организираат по повод годишнината од членството на Северна Македонија во алијансата и Денот на НАТО. На настанот учествуваше и министерот за економија, Крешник Бектеши, како и командантот на Командата за операции, бригадниот генерал Бесник Емини.
Пред студентите Петровска се осврна на повеќе теми поврзани со одбраната, местото и улогата на алијансата во зацврстувањето на безбедноста во евро-атлантската област, новите безбедносни предизвици во Европа, како и вложувањето, трансформацијата и модернизацијата на Армијата.
„НАТО е силна и моќна алијанса, која знае да одговори на предизвиците зашто знае навреме да се приспособи и да се промени. Алијансата минатата година на самитот во Мадрид го донесе новиот стратешки концепт, ги репозиционира своите политики врз база на своите вредности и на безбедносната реалност“, рече министерката Петровска. Додаде дека по 24 февруари 2022 година, ниту светот ниту алијансата не е иста, дека она што се случува во Украина е грубо кршење на меѓународното право и повреда на човековото право на живот и дека ниту една земја, без разлика дали е членка на НАТО или не, не може да остане имуна на тоа.
Во однос на позицијата на Северна Македонија, министерката Петровска истакна дека таа е принципиелна и добро позната, а тоа е дека ја поддржуваме одбраната на Украина и украинските граѓани и дека таа поддршка е и политичка и со донации од опрема.
Министерката се наврати и на значајноста од потпишувањето на преспанскиот договор.
„Ако во 2018 година не беше донесена политичката одлука да се потпише преспанскиот договор со Република Грција, верувајте дека денес, или особено минатата година кога почна руската инвазија врз Украина, јас како министерка за одбрана или кој и да беше министер за одбрана немаше да може со сигурност да им каже на граѓаните: Да, ние сме безбедни. Јас минатата година кога почна инвазијата и кога со разбирање многу новинари и граѓаните беа загрижени и се прашуваа дали сме безбедни, со смиреност и со леснотија одговорив – да, безбедни сме затоа што сме членка на НАТО. Тоа немаше да го одговорам ниту јас ниту кој и да беше на мое место ако навистина не бевме земја членка на алијансата“, истакна Петровска.
Министерката се осврна и на новите безбедносни предизвици, на кои, рече, ниту една земја денес не е имуна.
„Ако пред 20 и повеќе години заканите биле од конвенционален тип, денеска во 21 век зборуваме за поинаков тип неконвенционални хибридни закани, невидливи со голо око, но го чувствуваме нивното влијание. Северна Македонија беше и сè уште е цел на хибридни закани, кои имаат цел поткопување на институциите, создавање недоверба кај граѓаните во тие институции и обид да се претвори НАТО од успешна во неуспешна приказна кај нас. Наша задача како институции и граѓани е да бидеме гласни, да бидеме транспарентни, да отвораме дијалог со граѓанскиот сектор и со академската заедница и на тој начин да се справиме со дезинформациите“, рече министерката.
Во контекст на вложувањето во одбраната, Петровска истакна дека благодарение на мудрите политики одбранбениот буџет расте – тој денеска е 1,85 в% од БДП, а веќе в година е извесно дека буџетот ќе биде 2 % од БДП, што гарантира интензивен и непрекинат процес на модернизација на опремата и капацитетите на Армијата.
„Во распределбата на буџетот над 30 % се насочени кон модернизација сè со цел исполнување на НАТО-целите на способности. Но, најважно, ние ова не го правиме поради НАТО, туку, пред сè, за нашата национална одбрана зашто ако сме безбедни дома, тогаш може да придонесеме и кон колективната одбрана во НАТО“, рече министерката.
Министерот Бектеши нотира дека влезот во НАТО значи и отворање нов голем пазар за нашите компании и нивно вклучување во синџирот на набавки на алијансата, што придонесува за пораст на БДП, пораст на странските директни инвестиции, пад на невработеноста и развој на приватниот сектор.
„Гледано во последните 3 години од кога Северна Македонија е членка во НАТО, со исклучок на 2020 година поради ковид-состојбата, податоците покажуваат дека во 2022 година во однос на 2021 година во услови на енергетска криза имаме раст на бруто-инвестиции во БДП од 5,5в %, раст на вкупната трговија од 20,8 %, раст на странските инвестиции од 241 милион евра и истовремено пад на невработеноста од 1,2 %“, потенцира Бектеши.
Командантот на Командата за операции, генералот Емини, истакна дека од особена важност е да се приспособиме на новите безбедносни предизвици преку градење нови способности и дека современиот концепт на модернизација на Армијата е во корелација со новата безбедносна реалност.