Утрински Весник
Скопје

Перински од Петровец: Покрај финансиска, општините добиваат и стручна поддршка

Image 2026 06 22 124017893.png

Министерот за локална самоуправа Златко Перински оствари работна посета на Општина Петровец, каде одржа средба со градоначалникот Борче Митевски, членовите на Советот и општинската администрација.

На средбата се разговараше за актуелните потреби и предизвици со кои се соочува општината, како и за можностите што ги нуди Ресурсниот центар за поддршка на општините во насока на јакнење на административните капацитети и подобрување на квалитетот на локалните услуги.


Беше отворено и прашањето за ажурирањето на базите на даночни обврзници, како еден од клучните процеси за зголемување на сопствените приходи на општините и обезбедување поодржливо локално финансирање.

Посебен акцент беше ставен на алатките и механизмите што им стојат на располагање на општините за поефикасно планирање, управување и реализација на локалните политики и развојни проекти.

„Директната комуникација со општините е најдобриот начин да ги препознаеме реалните потреби и предизвици со кои се соочуваат. Ние направивме и системска проценка на потребите на општините, но и покрај тоа постојано сме вклучени преку директни средби. Редовно сме на терен и работиме заедно со локалните власти на изнаоѓање конкретни решенија. Ресурсниот центар е воспоставен да биде практична поддршка за општините и да им помогне поуспешно да ги извршуваат своите надлежности и да испорачуваат поквалитетни услуги за граѓаните”, изјави министерот Перински.

Во рамки на средбата беше разговарано и за тековните и планираните инвестиции во општината. Преку двата јавни повика за финансирање на инфраструктурни проекти, за Општина Петровец се одобрени вкупно седум проекти во вредност од 100.727.775 денари.

Градоначалникот Борче Митевски ја поздрави континуираната поддршка од Министерството за локална самоуправа и ја истакна важноста од постојаната комуникација меѓу централната и локалната власт.

„За општините е од особено значење да имаат институционален партнер кој ги разбира нивните потреби и нуди конкретна поддршка. Проектите што ги реализираме со поддршка на Владата и Министерството придонесуваат за подобрување на инфраструктурата и условите за живот на граѓаните, а Ресурсниот центар отвора дополнителни можности за унапредување на општинските капацитети”, истакна Митевски.

Министерството за локална самоуправа продолжува со теренските посети на општините со цел непосредно согледување на локалните потреби и обезбедување навремена поддршка за нивниот развој.

Можете да прочитате

Општина Гази Баба најави повеќе од 60 проекти за ова лето

Заедничка соработка за зајакнување на предучилишното образование во Карпош

Улицата „8 Март” во Дебар Маало добива мини пјацета со ново зеленило, инклузивен пристап и урбана опрема