Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, по состанокот со градоначалничката на Град Скопје изјави дека бил изненаден оти Арсовска не дошла со конкретно решение за решавање на проблемите со сметот во градот, како и одржување на редовна хигиена.
„Очекувавме и ние, некаков предлог план на оваа средба за да можеме да го разглобиме и да видиме каде ние како Влада можеме да интервенираме. Таков не добивме, освен критика насочена кон Советот на Град Скопје, којашто за мене може и не е основана. Каменот на сопнување беше, зашто не се гласаа одлуките на советот? Во ред, кои одлуки? Тие, тие и тие. Тие не влијаат на нормалното функционирање на јавните претпријатија. Комунална хигиена работи по оперативен план, не и треба одлука на Совет за да собира смет, тоа и е законска утврдена надлежност. Затоа и ние бевме малце изненадени, затоа што не дојде со конкретен план, меѓутоа еве да видиме што ќе се случи среда и четврток“м изјави Перински.
Меѓудругото, тој додава дека ќе почекаат до крајот на неделата што од нивна страна ќе биде предочено како потреби кои што оваа Влада да речеме ќе може да помогне и врз основа на тие предлог заклучоци во тој предлог план кој што ќе биде претставен пред советниците ќе носиме заклучоци.
„Мене ми е многу жал што состојбите во Градот Скопје се вакви какви што се. Како влада можевме да одбереме и да не се мешаме во тековното работење на градот но сметаме дека како приоритет ни се скопјани и мораме на некој начин нешто заедно да придонесеме и да се вклучиме во решавањето на нивните проблеми. Конкретно се разговараше за две јавни претпријатија, едното јавно претпријатие е Комунална хигиена каде што сметаме дека проблемот е најакутен во моментот. И второто јавно претпријатие кое што го дискутиравме е ЈСП, затоа што сметаме како влада дека за десетина дена од сега ќе имаме многу поголем проблем во јавниот превоз со почнување на школската година“, додаде Перински.