
Владата нема потпишано договор за стратешко партнерство со Обединетото кралство, а од администрацијата на Доналд Трамп досега доби само царини, вели во интервју за ДВ поранешниот македонски претседател Стево Пендаровски.
ДВ: Парламентот го изгласа договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство. Владата го прогласи за историски, со најава за големи придобивки за земјата. Критичарите велат дека е во прашање ново големо задолжување со нејасни услови, и уште помала контрола на трошењето. Како вие гледате на овој договор?
Пендаровски: Договор за стратешко партнерство меѓу Македонија и Велика Британија не е потпишан. Тоа што ни е дадено на увид и што е ратификувано во средата попладне, не е договор за стратешко партнерство. Тоа, според својата содржина, може да биде меморандум за соработка, дури и почетно писмо за намери во кои двете влади набројуваат четири области во кои допрва треба да седнат работни групи и да прецизираат какви проекти би работеле. И според таа содржина генерална, не станува збор за ништо стратешко туку станува збор за кредитирање на проектите кои допрва ќе бидат прецизирани од двете страни- британско кредитирање за инфраструктурни проекти во Македонија. Тие најавуваат дека е можно да постои втор договор после овој кој би бил за стратешките аспекти на нашите билатерални односи со Лондон. Да сме живи и здрави можеби и тоа еден ден ќе биде. Но ова нема врска со никаква врска со стратегија, тоа е начелен договор допрва да седнеме и да видиме што вам ви треба за кредитирање.
Македонскиот интерес во овој договор е јасен, барем засега, тоа се кредитите кои ќе ги добие владата. Но, кој, според вас, е интересот на Обединетото кралство во овој договор? Што добива Лондон од ова? Тешко е да се верува дека се работи за некаков алтруизам…
Нема алтруизам ни во домашна ни во меѓународна политика. Од она што го знаеме од британските медиуми, станува збор за преговори кои допрва ќе се одвиваат, од септември натаму, со неколку балкански држави за тука да бидат стационирани мигрантите кои не ги исполнуваат условите за престој во Британија. Нема апсолутно друга причина од страна на Лондон да ни дава за обнова, таму дури не се вели ни изградба, туку обнова, на повеќе локални болници во Македонија. Тоа сигурно не е стратешки интерес на Британија. Но, е нивен интерес да најдат, ако е можно повеќе центри во овој регион, кој е на границата меѓу ЕУ и Блискиот исток, каде тие мигранти би можеле да престојуваат. Практично тоа е акција која е веќе почната во Велика Британија и тие бараат можност за нивно стационирање. Не велам дека ние тоа ќе го прифатиме, но велам дека според релевантни британски медиуми кои се повикуваат на британската влада, од септември ќе почнат тие разговори за правење на транзициски центри за мигранти, и меѓу тие држави кои се споменати е и нашата.
Добро, владата веќе го демантираше тоа, одговарајќи на критиките од опозицијата…
Рече дека договорот нема да содржи таква клаузула. Но имаме изјава од нашиот премиер пред средбата со Кир Стармер во која на англиски вели „се уште не сме разговарале за тоа прашање“. Но вие ме прашувате за интересот на другата страна, а Лондон го има само тој интерес.
Целосното интервју на следниот линк