Утрински Весник
Македонија

Пендаровски кон Мицкоски: Како можеш ти како политичар да најавуваш нечие апсење?

Aerodrom 3.jpg

„33 години сме независна држава, мантра на секој политичар е не само во време на избори дека правосудството мора да биде независно, судиите да бидат независни, да судат само врз основа на Устав, закон, меѓународни договори. И Мицкоски во 2024 година вели „ќе испитаме, неговиот имот ќе го испитаме, ќе провериме или ќе апсиме’. Не можам да сфатам дали е тој кандидат за шпицен премиер или е кандидат за судија, обвинител. Како можеш ти како политичар да најавуваш нечие апсење?“ праша Пендаровски на синоќешниот митинг во Аеродром.

Тој додаде дека „од Христијан Мицкоски извира ликот на Никола Груевски“.

Пендаровски се осврна и на понудата на неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова.

„Дека мојата програма е подобра од нејзината покажав и во 2019 година кога ги добивме изборите. Да беше нејзината програма подобра таа ќе ги добиепе изборите. А сега постои една друга разлика меѓу мојата програма и нејзината. Нејзината програма е невидлива, ја нема. Кликнете на интернет и кажете ми каде е нејзината програма? Мојата е видлива, нејзината и е невидлива, така што, не можеме да компарираме нешто што го гледаш и нешто што го нема, што е илузија“ порача Пендаровски.

Кандидатот за претседател Пендаровски пред присутните рече дека тој остварил речиси се од она што го имал ветено пред пет години додавајќи дека врвен приоритет во новиот мандат ќе му биде целосен ветинг на луѓето во правосудството, но и во политиката.

„Мораме да се согласиме и уште од сега да дадеме јавно ветување дека ако ја добиеме вашата доверба прва задача треба да ни биде длабок и сеопфатен ветинг на сите судии и обвинители меѓутоа и на нас политичарите“ истакна Пендаровски.

Пред граѓаните Пендаровски повика на 24 април да се гласа за бројот 1, а на осми мај победата да биде заверена и државата да продолжи напред.

Можете да прочитате

Владата повторно ќе му помогне на ЈСП ако не успее тендерот за нафта

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи