Утрински Весник
Свет

Папата побара прекин на огнот во Газа за време на телефонски разговор со Нетанјаху

20250718161756 big 730x400 60.webp.webp

Папата Лав Четиринаесетти денеска телефонски разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху при што го повтори својот апел за преговори и прекин на огнот во Газа, соопшти Канцеларијата за печат на Светата столица.

– Утрово, во неговата резиденција во Кастел Гандолфо, неговата светост папата Лав XIV разговараше телефонски со неговата екселенција Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел, по вчерашниот воен напад на израелската армија што ја погоди Црквата на Светото семејство во Газа, при што загинаа три лица и беа повредени други, вклучително и некои сериозно“, се вели во соопштението од Канцеларијата за печат.


За време на разговорот поглаварот на римокатоличката црква го повторил својот апел за повторен поттик за преговори, прекин на огнот и крај на војната.

Покрај тоа, папата „повторно изрази загриженост за трагичната хуманитарна ситуација на населението во Газа, чии деца, стари лица и болни плаќаат мачителна цена“.

– На крајот, Светиот Отец ја повтори итна потреба да се заштитат местата за богослужба и, особено, верниците и сите луѓе во Палестина и Израел, се вели во соопштението.

Црквата Свето семејство, единствената католичка црква во Газа, вчера беше погодена од Израел при што загинаа три лица, а десетмина беа повредени вклучувајќи го и парохискиот свештеник, отец Габриел Романели.

Латинската патријаршија во Ерусалим во соопштение апелираше до лидерите „да ги кренат своите гласови и да сторат сè што е потребно за да се запре оваа трагедија, која е човечки и морално неоправдана“.

Можете да прочитате

Шестмина загинати и над 100 киднапирани во вооружен напад во Нигерија

Лос Анџелес: Три лица загинаа во експлозија во тренинг центар на локалните безбедносни сили

Кремљ: Се приспособивме на животот под санкции