
Професорот и микробиолог д-р Никола Пановски алармира дека состојбата во Гостивар ги исполнува сите елементи на епидемија на гастроентеритис и ги повика надлежните епидемиолошки служби да реагираат.
Според него, досега се регистрирани околу 1.500 лица со исти симптоми, додека најмалку уште 5.000 граѓани не побарале лекарска помош. Пановски посочува дека станува збор за масовно заболување кое зафатило значителен дел од населението во градот.
„Во Гостивар има епидемија на гастроентеритис. 1.500 регистрирани со исти симптоми и најмалку уште 5.000 кои не се јавиле на лекар. Во еден град оболеле 30 отсто од населението од иста болест и нема услови за прогласување на епидемија! Епа браво. Епидемиолози каде сте, ова не е политика, ова е ваша должност да реагирате“, напиша Пановски на својот Фејсбук профил.
Тој нагласува дека ваквите случаи не треба да се третираат низ политичка призма, туку како сериозен јавно-здравствен проблем кој бара итна реакција од надлежните институции и стручните служби.

