
Новиот градоначалник на Кичево, Александар Јовановски, денеска официјално ја презеде функцијата од својот претходник, Фатмир Дехари. На примопредавањето, Јовановски му се заблагодари на Дехари за долгогодишниот ангажман и придонес во развојот на градот, нагласувајќи дека ќе продолжи со работа во интерес на сите кичевчани.
„Со голема чест и чувство на одговорност денеска ја преземам функцијата градоначалник на нашиот град Кичево. Оваа должност не ја гледам како привилегија, туку како обврска — пред вас, граѓаните, да работам посветено, транспарентно и во интерес на сите“, порача Јовановски.

Тој додаде дека ќе се стреми кон изградба на локална самоуправа блиска до граѓаните, отворена за идеи и решенија, без поделби по политичка, етничка или верска основа.
„Нашиот град има потенцијал, има вредни луѓе и визија за подобра иднина. Верувам дека со заедничка работа и искрен дијалог ќе создадеме поубав, поправеден и поуспешен град за сите нас и за идните генерации“, порача новиот градоначалник.
Со преземањето на функцијата, Јовановски најави дека во наредниот период ќе се фокусира на подобрување на инфраструктурата, транспарентноста на општинската администрација и унапредување на квалитетот на живот во сите населени места на територијата на Кичево.


