Утрински Весник
Македонија

Јовановска плаче и моли, Стојанче се смее и снима – шокантна снимка во судница!

Whatsapp image 2026 03 13 at 16.17.00.jpeg

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судскиот процес против Стојанче Јовановски, каде обвинителката Адела Бојчевиќ изведе повеќе материјални докази, меѓу кои и видеоснимки кои, според обвинението, го документираат континуираното семејно насилство врз неговата сопруга Ивана Јовановска. Случајот се однесува на трагедијата од 2 март 2026 година во скопската населба Тафталиџе, кога Јовановска го загуби животот по пад од шести кат, при што животот го загуби и нејзината шестгодишна ќерка Катја.

На обвинетиот му се суди за три кривични дела телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство, а денешното рочиште беше обележано со прикажување на снимки кои предизвикаа силни реакции во судницата.


Една од клучните видеоснимки, направена на 10 февруари годинава со мобилен телефон на обвинетиот, прикажува сцена снимена веднаш по пријава за семејно насилство на бројот 112. На снимката се гледа Ивана Јовановска како стои во ходникот пред станот, видно вознемирена, со скрстени раце и во солзи, додека бара од сопругот да престане со насилството. Таа повеќепати повторува дека е удирана и бара објаснување за тоа, додека обвинетиот негира, но истовремено, според прикажаното, реагира со потсмев и иронични коментари. Во текот на снимката, таа се држи за телото и укажува на болки, особено во пределот на бубрезите, повторувајќи дека била физички нападната, а во еден момент наведува дека случајот веќе го пријавила во полиција.

Во истиот видео-запис, Јовановска изнесува и сериозни обвинувања за наводна употреба на дрога од страна на обвинетиот, тврдејќи дека тоа влијаело врз неговото однесување и агресијата. Обвинетиот, од своја страна, ги негира овие тврдења и возвраќа со контраобвинувања, наведувајќи дека станува збор за подметнување, при што упатува и навреди кон сопругата.

На вториот видео-запис, кој исто така беше презентиран во судницата, се гледа слична ситуација Јовановска повторно е вознемирена и расплакана, додека обвинетиот ја снима и се смее. Таа повторно го обвинува дека постојано ја тепа и бара од него да се соочи со последиците, повикувајќи полиција. Во текот на снимката, таа посочува и на претходни инциденти, тврдејќи дека била удирана на начин што не остава видливи траги, дека била турната по скали и завршила во болница, како и дека повеќепати пријавувала семејно насилство кај надлежните институции.

Обвинителството презентираше и видеоснимки од денот на трагичниот настан, на кои, според нивните наводи, се гледа како обвинетиот заедно со Јовановска и трето лице пристигнува во близина на Кривичниот суд околу 11:30 часот. На снимките се забележува агресивно однесување, вклучително и гестикулации, викање и физички контакт, при што Јовановска повторно повикува полиција. По интервенцијата на полициските службеници и кратка постапка, сите лица го напуштаат местото со возило.

Во судницата беа презентирани и психолошко-психијатриски вештачења, според кои постои јасна причинско-последична врска меѓу долготрајното семејно насилство и психичката состојба на Јовановска во периодот пред трагедијата. Обвинителството достави и обемна документација, вклучувајќи податоци од мобилниот телефон на обвинетиот, договор за дар на стан, обдукциски извештаи за Ивана и малолетната Катја, извештаи од Центарот за социјални работи Скопје, медицинска документација, како и извештаи од претрес на стан.

Судењето продолжува во наредниот период со изведување нови докази и сведочења, кои треба да придонесат кон целосно расветлување на околностите што доведоа до трагичниот настан во Тафталиџе.

Можете да прочитате

Средба на министерот Муцунски со Максим Прево

Му го попречиле патот со возило, па физички го нападнале во Бутел

Средба Минчев – Маричиќ: Зајакнување на институционалната соработка и координацијата