
Осум европски држави, кои се најдоа меѓу потенцијалните цели на најавените американски царини, во неделата упатија заедничко предупредување дека ваквите мерки можат сериозно да ги нарушат односите меѓу Европа и САД. Царините ги најави американскиот претседател Доналд Трамп, како реакција на поддршката што овие земји ѝ ја даваат на Данска во прашањето за Гренланд. Во заедничката изјава на Обединетото Кралство, Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка и Шведска се наведува дека заканите со трговски мерки ја поткопуваат трансатлантската соработка и отвораат можност за опасна ескалација. Земјите порачуваат дека ќе останат обединети и координирани, со јасна цел да го заштитат сопствениот суверенитет. Осумте држави, кои најавија и испраќање свои војници на Гренланд, истакнаа дека се подготвени за дијалог, но само врз основа на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет. Тие нагласија дека стојат во целосна солидарност со Данска и населението на Гренланд.
Како членки на НАТО, земјите повторија дека се посветени на зајакнување на безбедноста на Арктикот, кој го сметаат за заеднички трансатлантски интерес. Во таа насока, воената вежба на Алијансата „Арктичка издржливост“ беше оценета како одбранбена активност што не претставува закана за ниту една страна. Во меѓувреме, од Париз стигнуваат пораки дека Европската унија треба да одговори поостро. Според блиски соработници на францускиот претседател Емануел Макрон, Франција бара активирање на таканаречената „економска базука“ – Инструментот за борба против присила, кој би ѝ овозможил на ЕУ да возврати на економски притисоци, вклучително и ограничување на американскиот пристап до јавни набавки и одредени трговски сектори, доколку Вашингтон не се откаже од најавените царини.

