
Екипата на ФК Вардар соопшти дека на 7 февруари ќе одигра пријателски натпревар со Осогово, кој ќе има изразен хуманитарен карактер.
Натпреварот ќе се одигра на стадионот Никола Мантов и ќе биде посветен на жртвите од трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“ на 16 март. Сите средства собрани од настанот ќе бидат наменети за изградба на спомен-обележје, како траен симбол на почит и сеќавање.
„Сите собрани средства ќе бидат наменети за изградба на спомен-обележје, како траен симбол на почит, сеќавање и достоинство. Ги повикуваме сите навивачи и љубители на фудбалот да присуствуваат и заедно да покажеме хуманост, солидарност и заедништво“, се наведува во објавата на Вардар.
Со овој натпревар, двата клуба испраќаат порака дека спортот може да биде силен обединувач и поддршка во тешки моменти за заедницата.

