Утрински Весник
Македонија

Основците по неколку часа на ден гледаат содржини на телефон, до осмо одделение речиси престануваат да читаат книги 

20260402145147 big 730x400 95.webp.webp

Учениците од основните училишта по неколку часа на ден поминуваат со мобилен телефон – така на анкета одговориле 36 проценти од 703 прашани четвртоодделенци и  63 проценти од 585 прашани осмоодделенци.  

Истражувањето во кое биле анкетирани вкупно 1288 ученици од четврто и од осмо одделение е спроведено од тим на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) на УКИМ, а податоците ги соопшти неговиот директор, проф. д-р Петар Атанасов, денеска на форум за вештачка интелигенција.


Дваесет и четири проценти од прашаните ученици од осмо одделение поминуваат цел ден на мобилен, а тоа значи, рече Атанасов,  дека тие живеат на мобилен телефон. 

На прашањето што најчето прават во текот на денот, 43 отсто од четвртоодделенците и 62 проценти осмоодделенци кажале дека гледаат видеосодржини. Како што рече, анкетираните четвртооделенци  во 31 процент и 6 проценти кај осмоодделенците времето го поминуваат читајќи книги. 

-Значи, децата од четврто до осмо одделение престануваат да читаат книги, рече Атанасов.

Податоците тој ги соопшти на форумот „Иднината на работата во ерата на вештачката интелигенција“ што денеска го организираше ИСППИ, чија цел е да се дискутира за влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на труд, организациите, јавните политики и на идниот развој на работната сила.

Директорот на ИСППИ посочи дека  не сакајќи да доцнат во приспособувањето кон современата технологија и свесни за трансформацијата во општеството се обидуваат, рече, да ги збогатат курикулумите во согласност со брзиот технолошки развој, особено за магистерските и за докторските студии. 

-На технологијата ѝ е потребна интердисциплинарност. Исправени сме пред некои нови и неограничени капацитети. Светот што го знаевме веќе дефинитивно не е ист, заклучи Атанасов. 

Проректорката за настава на УКИМ, проф. д-р Соња Топузовска, во обраќањето истакна  дека во забрзани технолошки промени ВИ не е само концепт од иднината туку реалност што длабоко навлегува во сите сфери на општеството – од јавната администрација и образованието, до бизнисот и индустријата.

-Овие промени не го засегаат само начинот на кој работиме, туку и начинот на кој учиме, соработуваме и носиме одлуки. ВИ носи значајни трансформации во сите сектори на општеството, влијае на продуктивноста, го менува дизајнот на работните места и отвора нови прашања за управување со човечките ресурси. Организациите кои ќе успеат да ја интегрираат на вистинси начин ќе бидат поотпорни, поефикасни и поконкурентни. Сепак, во центарот на сите овие процеси останува човекот. Затоа прашањето поврзано со вештините, образованието и доживотното учење се од суштинско значење. Потребно е постојано усогласувањее помеѓу образовните системи и потребите на пазарот на труд, како и создавање можности за преквалификација и доусовршување на работната сила, рече Топузовска. 

На отворањето на форумот министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски порача да не ја гледаме вештачката интелигенција ниту како закана што ќе нè парализира, ниту како магично решение што само по себе ќе ги надмине сите предизвици. 

-Да ја гледаме како алатка што бара знаење, вредности, визија и соработка. Да изградиме дигитална иднина што не го оттурнува човекот, туку го зајакнува и што не создава страв туку можности. Вештачката интелигенција треба да му служи на човекот, а не човекот на технологијата. И затоа денес, кога зборуваме за иднината на работата, не треба да зборуваме само за автоматизација, туку за вештини, за образование, за преквалификација, да зборуваме за еднакви можности и за нашата институционална подготвеност. Затоа што работните места веќе се менуваат, некои задачи стануваат побрзи, поедноставни, поавтоматизирани. Но, токму затоа уште поважни ќе стануваат и човечките квалитети што не може лесно да се заменат – етичкото размислување, проценката, креативноста, комункацијата, емпатијата и способноста за носење одлуки, истакна Андоновски.

Форумот опфати две сесии – првата посветена на стратешките перспективи за вештачката интелигенција и иднината на трудот, во чии рамки беше презентацијата на Бруно Јакиќ, коосновач на INQQA.ai, KeenCorp и AI Applied. Втората сесија беше фокусирана на практичните аспекти на ВИ во бизнисот, трудот и трансформацијата на човечките ресурси.

Можете да прочитате

Лажен полицаец одзел возило на фирма, а подоцна нападнал и женa и ѝ го украл кучето

30.000 евра, закани и сомнеж за манипулација со телефон – потресни сведоштва на судењето за трагедијата во Тафталиџе

УЈП: Од понеделник обуки за студентите поврзани со работата во странство преку програмата „Work and Travel“