Утрински Весник
Свет

Османи: Повлекувањето на српските претставници од институциите во Косово има за цел дестабилизација

Османи: Повлекувањето на српските претставници од институциите во Косово има за цел дестабилизација

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, оцени дека повлекувањето на избраните и именуваните претставници на косовските Срби од позициите во косовските институции „има за цел да го дестабилизира северот на земјата“, пренесуваат медиумите во регионот.

dobivaj vesti na viber

Османи во изјавата оценува дека повлекувањето на министрите, замениците и припадниците на српската заедница од Владата и Собранието на Косово и косовската полиција „е чин против демократијата и владеењето на правото“.

„Ваква акција беше спроведена под притисок на властите во Белград. Ваквиот пристап создава сериозни проблеми за српските граѓани на север, кои се чувствуваат загрозени од дејствијата на нелегалните структури кои имаат за цел дестабилизација“, рече таа.

Изрази уверување дека косовските институции ќе ги преземат неопходните чекори за да обезбедат непречено функционирање и јавна безбедност на секој дел од територијата на Косово во тесна соработка со меѓународните партнери.

„Спроведувањето на законот и редот не претставува закана за ниту еден граѓанин на Косово, без разлика на етничката припадност. Меѓутоа, воспоставувањето на редот и законот претставува ризик за нелегалните структури предводени од Белград, кои имаат за цел да го дестабилизираат Косово и регионот“, рече Османи.

Смета дека „денешната акција на Србија претставува еднострано повлекување од бриселските договори за затворање на нејзините нелегални структури на Косово“.

„Оваа акција поттикната од Србија уште еднаш го докажува она што многупати го кажавме, дека Србија е изворот на дестабилизација на Косово и на регионот поради нејзините територијални и хегемонистички цели“, рече таа.

Османи посочи дека Србија нема да може да го промени мултиетничкиот карактер на институциите и да го наруши мирот и безбедноста на Косово и ги повика Србите да не наседнуваат на пропагандата од Србија и нејзините дестабилизирачки интереси кон Косово и регионот.

„Косово е посветено на мирот и стабилноста и останува јасно поставено на својот евроатлантски пат. Однесувањето на институциите за еднаквост на сите пред законот е во согласност со највисоките стандарди и европски вредности. Иднината на Косово е во ЕУ и НАТО и никој нема да може да го запре овој пат“, нагласи таа.

Според неа, Белград се обидува да го дестабилизира Косово и регионот и одржува блиски односи со Русија и е негова алатка во овој дел на Балканот.

Градоначалниците на четири општини со мнозинско српско население на северот на Косово, советници, пратеници во Собранието на Косово, судии, обвинители, административни службеници во обвинителството и судството, како и припадници на косовската полиција во северниот регион денеска поднесоа неотповиклива оставка, соопштено е на конференција за медиумите од Српската листа.

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници