Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, на средба со шефицата на дипломатијата на Албанија, Олта Џачка, истакна дека биле споделени исти стратешки надворешнополитички приоритети.
„Сојузници во НАТО, со 100 % хармонизација на својата надворешна политика, со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, рече Османи. Изрази оптимизам дека 2030 година е реална можност за двете земји заедно да станат полноправни членки на ЕУ.
На прашањето зошто Албанија замижува пред официјална Софија за статусот на македонското население во Албанија и за т.н. тивка асимилација во таа држава, Џачка рече:
„Не знам дали слушнав добро, не знам дали некогаш сме замижале пред официјална Софија, напротив, Албанија секогаш била многу гласна дека една земја не може да го блокира влезот на Албанија и на Македонија во ЕУ. Мигот кај што сме денеска е момент на геостратегиска важност, а војната во Русија направи ЕУ да се освести и да сфати дека и треба поактивен пристап особено кон земјите од Балканот. Процесот на проширување е поврзан не само со безбедноста на Балканот туку и со цела ЕУ“, истакна таа.
„Денеска имаме брза лента и имаме можност сите заедно да одиме на таа брза лента и ние треба да бидеме свесни и подготвени кон нашите обврски. А блокадата не им штети само на нашите држави туку и на цела ЕУ“.
Децидна е дека нема никакво замижување кон Бугарија.
„Јас немам информација дека има обид за асимилација на македонското население во Албанија од страна на Бугарија, има некои спорадични случаи, имаме тесна соработка со надлежните за да видиме колку е голем овој проблем и секоја информација што ќе ја имаме ќе биде навремено изнесена во јавноста“, додаде Џачка.
На прашањето што доколку Македонија не успее навреме со уставните измени и дали Албанија ќе оди сама на патот кон ЕУ, Џачка одговори:
„Сите политички фактори треба да го имаат интересот на државата и на граѓаните, уставните измени треба да се случат и сите треба да покажат свест дека на таков начин ќе се пристапи на патот кон ЕУ. За нас ова е еден миг кој има нова динамика ,а ЕУ е посвесна за потребите на овој регион и посвесна колку целиот процес е поврзан со европската сигурност“, потенцира таа.
Процесот, како што додаде, треба да оди напред за целиот регион.
„Заедно сме оделе рака под рака и ќе продолжиме да одиме така. И ако некој остане назад, ќе остане назад во неповолноста за нивните граѓани“, појасни Џачка.
Османи додаде дека многу луѓе очекуваа дека Албанија ќе почне да тактизира со Бугарија на патот кон ЕУ, но тоа не беше така, некогаш повикот на Рама беше посилен и од оној на Северна Македонија, оцени министерот.