Сите игралишта што беа реконструирани пред неколку месеци се вандализирани. Последен е примерот со детските игралишта во Капиштец, кои се оштетени. Реквизите се скршени, а подлогата за игра искорната. Загрижува фактот што ова се случува редовно и не е изолиран инцидент, вели градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
„Некои од реконструираните игралишта не издржаа здрави ниту една недела. Тажно и срамно е ова што се прави. Детските игралишта и урбаната опрема се јавно добро. Нека проработи свеста! Тие се наменети за нашите најмлади и најмили и со нивно уништување на децата им се ускратува безбедниот простор за игра. Апелирам и барам поддршка од граѓаните. Пријавувајте ги случаите на уништување и вандализирање на урбаната опрема во Општината. Секој кој ќе се дрзне да унишува јавно добро, ќе биде казнет” порача Герасимовски
Уништувањето на урбаната опрема претставува прекршочно дело за што следуваат високи парични казни. Согласно член 14 од Законот за јавна чистота забрането е уништување на урбана опрема (клупи, фонтани, билборди, опрема на детски игралишта). За уништување на урбана опрема комуналната инспекција на Општина Центар изрекува глоби за физички лица во висина од 150 евра во денарска противредност или од 1000 до 2000 евра за правни лица и 300 евра за одговорното лице, во денарска противредност.Општина ги повикува месните и урбаните заедници да се вклучат во подигањето на свеста за зачувување на урбаната опрема како и во конкретни активности што ќе придонесат за подобрување на актуелната состојба.