Утрински Весник
Македонија

Оштетен автомобилот на Насер Селмани – случајот пријавен во полиција

Img 6007.jpeg

Новинарот Насер Селмани на својот Фејсбук профил објави дека непознато лице со нож ја оштетило гумата на неговиот автомобил паркиран пред зградата каде што живее во Скопје.

„Не должам на никого и немам конфликт со никој“, напиша Селмани, додавајќи дека случајот веднаш го пријавил во полиција и имал телефонски разговор со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.


„Го информирав министерот за инцидентот и побарав да се откријат авторите и инспираторите. Тој ми вети дека ќе работат на расветлување на случајот“, истакна Селмани.

Во статусот тој порача дека е новинар, не е член на политичка партија, и дека е дел од Движењето Албански свет. Упатил и јавен апел до премиерот Христијан Мицкоски и лидерите на албанските партии да го осудат нападот, кој го нарече „грозен чин против новинар и против слободата на говорот“.

Селмани изрази сомнежи дека зад нападот стојат инспиратори, но најави дека ќе почека полицијата да ја заврши истрагата. Доколку во рок од две недели случајот не биде разрешен, тој најави дека ќе ги сподели своите сомнежи со јавноста.

„Ако некој мисли дека со криминални методи може да ме исплаши, многу греши – избрале погрешен човек“, порача новинарот.

Тој најави и дека доколку институциите не го решат случајот, ќе побара заштита и од меѓународните организации, како и од Албанија и Косово, за, како што вели, „заштита на Албанците и загрозените албански новинари во Скопје“.

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ ги откри кандидатите за 16 општини – Куманово и Центар поддржани од коалицијата ЗНАМ

Шумска мафија: Кривична пријава за шестмина за штета од над 170.000 евра

Во Македонија денеска регистрирани 17 пожари – два сè уште активни