
Еден од најпознатите светски музички фестивали, „EXIT“, започнува светска турнеја во 2026 година, а меѓу најавените дестинации е и Северна Македонија. Веста доаѓа само два месеци откако кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, најави дека токму Скопје би можело да стане домаќин на овој глобално признат фестивал.

„Скопје мора да биде град кој живее и навечер, град во кој младите ќе имаат простор за ноќен живот, забава и култура. Град кој пулсира и дава енергија. И заедно ќе успееме во тоа!“, порача Ѓорѓиевски во својата изјава пред јавноста.
Со најавата на турнејата „EXIT World Tour 2026“, потврдено е дека фестивалот ќе направи посебно издание во Северна Македонија во јуни следната година, што многумина го гледаат како почеток на трансформацијата на Скопје во модерен европски центар за музика и култура.

Оваа вест се совпаѓа со визијата на Ѓорѓиевски за создавање на пулсирачки град, кој ќе нуди содржини и по зајдисонце, привлекувајќи туристи и млади луѓе од регионот и пошироко.
Фестивалот „EXIT“, кој повеќе од две децении се одржуваше на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, започнува ново поглавје – глобална турнеја што ќе го пренесе неговиот препознатлив дух низ светот: од Истра и Малта, преку пирамидите во Гиза, па сè до Индија.
Но за македонската јавност, највозбудливата вест е дека Скопје би можело да стане дел од светската мапа на „EXIT“, отворајќи можности за нова културна енергија, економски придобивки и позиционирање на главниот град како балканска престолнина на урбаната сцена.
Повеќе детали за датумот и локацијата на скопското издание на „EXIT“ се очекуваат во наредните недели.
„По 25 години на Петроварадинската тврдина, EXIT започнува глобална експанзија. Преку нови фестивали ќе ги поврземе континентите и ќе го пренесеме духот на слободата на EXIT каде и да одиме. За нас, музиката отсекогаш била повеќе од забава – тоа е сила што гради мостови меѓу народите и културите. Нашата мисија е да ги инспирираме новите генерации да веруваат дека подобар свет е можен“, изјави основачот и директор на фестивалот, Душан Ковачевиќ.
Најавата за светската турнеја беше направена на висина од 50 метри над Амстердам, за време на Amsterdam Dance Event, на спектакуларната локација Crane Faralda – една од највпечатливите забавни точки во Европа.
Првата станица од турнејата ќе биде Истра, со фестивалот Sea Star во Умаг, кој традиционално привлекува врвни изведувачи како The Prodigy, Wu-Tang Clan, Fatboy Slim, Amelie Lens и Nina Kraviz.
Во јуни следи фестивал во Северна Македонија, а во август EXIT ќе го однесе своето искуство и на островот Малта, во соработка со локалниот промотор G7 Events.
Октомври носи едно од најспектакуларните изданија – фестивал пред Големите пирамиди во Гиза, во партнерство со египетската компанија Venture Lifestyle, позната по настани со имиња како Solomun, Peggy Gou и Carl Cox.
Ноември ќе биде резервиран за Мумбаи и Белград. Индиската престолнина на забава и филм, Мумбаи, ќе биде домаќин на првиот EXIT настан во Индија, додека белградскиот No Sleep Festival, добитник на наградата „Најдобар нов европски фестивал“, ќе се прошири во еден од најголемите рејвови на континентот.



