Политиката на санкциите на Европската унија кон Русија мора да се промени, бидејќи очекуваниот ефект не е постигнат, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Синоќа во видео на Фејсбук, во пресрет на самитот на шефови на држави и влади на ЕУ во Прага, тој порача дека на таа средба мора да се разговара за некои „тешки теми“, пренесува МТИ.
– Дали европските земји ќе имаат гас и струја во наредните месеци – праша унгарскиот премиер.
Орбан рече дека Унгарија претходно успешно се борела да добие ослободување од нафтените ембарга и санкции.
Во последниве денови, земјата, исто така, постигна исклучоци од новите санкции кои влијаат на снабдувањето со нуклеарна енергија и гас, додаде тој.
Санкциите доведоа до „драстичен скок“ на цените на енергијата, што е речиси невозможно да се плати, посочи Орбан.
– Русија воопшто не падна на колена и европските економии крварат до смрт – изјави Орбан.
Тој заклучи дека станало „очигледно дека политиката на санкции мора да се промени“ и дека тоа е главното прашање на состанокот на европските лидери, наведува МТИ.