
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека паралелно се работи на повеќе локации низ целата територија на градот, со цел подобрување на сообраќајната и урбаната инфраструктура.
-Екипите на градот интервенираат со ладен асфалт за затворање на ударните дупки на булеварите и улиците, брзи зафати кои се неопходни поради зимските услови. А напролет, кога временските услови ќе дозволат, се насочуваме кон сериозна, темелна и целосна обнова на коловозите.
Паралелно, ги ослободуваме тротоарите за пешаците преку поставување на столбчиња. Тротоарите не се паркинзи и повеќе нема да дозволиме така да се третираат.
Во централното градско подрачје и на сите места каде што е потребно се поставува нова урбана опрема, со цел да внесеме повеќе ред, функционалност и достоинствен изглед на јавниот простор.
Овие тековни зафати што денес ги гледаме се само увертира во големите проекти што следуваат. Градиме чекор по чекор, со јасна визија и решеност да го вратиме Скопје на местото кое заслужува, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

